Цели четири децении „Струшка музичка есен“ нуди можност за средба, размена на идеи и дебати на актуелни теми кои ја преокупираат македонската музичка јавност. Оваа година одлучивме целото издание на манифестацијата да и го посветиме токму на неа самата. Темата која ќе ги обединува трудовите презентирани во Струга ја насловивме како „Меморија и перспективи“. Политиката на меморирање во едно општество директно ги одразува актуелните политички и идеолошки интереси во него. Меморијализацијата како процес се креира со јасна намера, да, на едно видување на историјата, во нашиот случај на музичката историја на Македонија, му се даде легитимитет, да му се отвори можност за себе-интерпретација. Целта на анализата на процесите на меморирање и меморијализација на одреден настан, простор, време или личности, е, тие понатаму да се вклопат и да станат дел од колективната меморија и националното сеќавање. Со таа намера и Сојузот на композиторите на Македонија за годинешнава СМЕ ја предложи темата „Меморија и Перспективи“, преку која ќе се прошетаме низ сите претходни изданија на Струшката Музичка Есен. Селекторот на годинешнава СМЕ м-р Ивона Опетческа Татарчевска, избра 30 тина трудови на научници кои имаат намера претстојниов викенд во Струга да презентираат свои трудови од областа на македонската продуктивна и репродуктивна музика и танц, како трудови кои дават историска перспектива на настаните и личностите кои досега ја обликуваа Струшката Музичка Есен како единствена концепција на музичко – научна манифестација кај нас.
СМЕ и годинава го задржува меѓународниот карактер, па наши гости ќе бидат научници од Хрватска, Словенија, Англија.
Законите на меморијализацијата покажуваат дека реконстукциите на минатото директно се зависни од интересот и интерпретативната рамка на денешницата и токму затоа годинава прифативме трудови во кои ќе се отвораат прашањата за врските на музиката со политиката, моќта, сеќавањето, секако со една критичка рефлексија, со што сакаме да ја осигураме објективната слика на минатото но и новите перспективи на Струшката Музичка Есен истакнува Опетческа – Татарчевска. Изминатите децении оваа манифестација бележеше големи промени, не само во квантитативно-квалитативна смисла, низ овој годишен научен собир на музиколозите, етномузиколозите, музичките педагози, медијависти и репродуктивни музички уметници, се промени и логиката на научното меморирање, интерпретирање и знаење за музиката во Македонија. Секоја наука одбира на кој начин ќе се сеќава на својата историја и затоа во ова јубилејно издание на нашата СМЕ, не треба да го заборавиме дека и градот Струга и луѓето од овој град дадоа голем придонес кон музичката историја на Македонија во последниве четири децении.
Како и секоја година, Струшка музичка есен и годинава ќе одбележи јубилеи на значајни македонски композитори. И тоа: Стефан Гајдов – 110 од раѓање, Панче Пешев – 100 години од раѓање, Кирил Македонски – 90 од раѓање, Властимир Николовски – 90 од раѓање, Томе Манчев – 65 од раѓање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.