| четврток, 6 декември 2018 |

Израелскиот филм „Фокстрот“ и програмата „Мак поинт“ претставени на ИФФК „Браќа Манаки“

Фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ започна со претставување на кинематограферот на филмот „Фокстрот“, Ѓора Бејач. Филмот е прикажан во конкуренција за наградата „Златна камера 300“.

-Се обидуваме да имаме различни филмови, со различни естетики и кинематографии. Секогаш размислуваме за целосниот квалитет на филмот. Го гледав „Фокстрот“ на фестивалот во Венеција и немавме можност да го донесеме на фестивалот истата година, но еве го тука, рече селекторот Благоја Куновски-Доре.

Станува збор за одличен филм, а Бејач пред неколку години освои „Бронзена камера 300“ за филмот „Либан“, едно ремек-дело, на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Главните предизвици на еден филм се да ја донесеш приказната и ситуацијата, гнев и н ситуација која во Израел ја викаме „тропање на врата“. Главна цел ни беше да ја донесеме на платното со цел да прикажеме како се чувствува ликот и се обидовме камерата да изгледа како да е внатре во ситуацијата, а не да биде набљудувач. Сакавме да покажеме дека неговиот свет се распадна, во моментот кога го губи синот, а кадарот одозгора требаше да го постигне тоа. Инаку, работам со рачна камера „Ари алекса“. Тоа е она што ми се допаѓа, зошто не треба да работам многу во постпродукција. Оваа камера овозможува сликата да не биде премногу остра, ми се допаѓаше тој стил, но сепак тоа е мој вкус, рече Бејач.

Филмот е многу силен, гледачот се чувствува како сродна душа со главниот лик, како да сочувствува со него.

-Филмот веќе е прикажан во Израел и кај филмската критика помина одлично, но министерката за култура не го погледна, таа е против овој филм и покрај тоа што не го гледала. Но, токму затоа што министерката беше против филмот, филмот доби на публицитет и луѓето сакаа да го гледаат. Вообичаено филмовите во Израел ги гледаат 60.000 публика, а сега бележиме околу 130.000 посетители кои го гледале филмот. Се работи за политика, а таа ја уништува филмската индустрија, не само во Израел, туку насекаде, објасни Бејач.

Од програмата „Мак поинт“, селекторката Ана Василевска ги претстави Лидија Мојсовска, режисерка на „Награда“, Загорка Поп-Антовска, продуцент на филмот „Татко“ и се осврнаа на квалитетот на продукцијата на македонските филмови, бидејќи постои податок дека од 307 македонски филмови, на фестивалите не може да се видат ниту десет.

-Некогаш избрзуваме во поглед на продукцијата и какви ни се можностите. Имав доста проблеми. Сметам дека треба да се подобри ситуацијата. Секој млад автор ги искусил продикциските проблеми и ова е добар старт да почнеме да ја подобруваме продукцијата, истакна Мојсовска.

Загорка Поп-Антовска е драматург, но беше во улога на продуцент на филмот „Татко“-дело на Ирма Башеска посветено на нејзиниот татко, Жарко Башески.

-Треба да се истакне дека младите автори се охрабруваат со мали буџети или понекогаш и без буџет да покажат и себе си да си докажат дека знаат што работат. Имаме неколку примери, каде можеби има продукциски проблеми, но заложбата да се направи едно дело од почеток до крај е голема и таа е за почит. Филмот „Татко“ беше снимен со опрема која ја поседува ДАСТА академијата, која е и продуцент на филмот. Работевме со тоа што имавме и јас како драматург можам да кажам дека постојат одлични примери во кои приказната е она што доминантно „ќе го вози“ филмот, особено сега со технологијата која доведува до финален филмски продукт, рече Поп-Антовска.

Заеднички е ставот дека треба да се помагаат и поттикнуваат младите автори, бидејќи кај многумина од нив во нивните биографии до 40 годишна возраст запишани се еден или два филма. И тоа е премалку за да се зборува за сериозно искуство.

Жарко Иванов е режисер и сценарист на анимираниот филм „Кружно патување на монахот“, а Иван Ивановски на анимираниот филм „Образец Б16“ и тое говореа за традицијата на создавањето на анимираниот филм во земјава.

-Анимираниот филм во Македонија имаше традиција до осумдесеттите години и тоа  замре. Пред десеттина години почнавме пак да работиме. Достапноста на технологијата ја зголеми продукцијата на анимираните филмови, вели Иванов.

Според Иван Ивановски, во анимираниот филм се работи со многу помалку пари и поддршка.

-Работиме со малку пари од нашите колеги во странство. Идејата и креативноста ја гледам во македонскиот филм, но сакам да гледам инвентивност. Битно ми е да е храбар. Секогаш мислам дека тоа е голема предност, да работиме искрено и храбро, и тешките услови за продукција не треба да ни биде пречка, смета Ивановски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top