| четврток, 6 декември 2018 |

Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“

Селекторот на главната програма во компетиција за „Златна камера 300“, Благоја Куновски-Доре на денешната прес конференција го претстави последниот прикажан филм од оваа програма, филмот „Девојка“ во белгиско-холандска копродукција. Гостин на фестивалот е кинематограферот од Холандија, Франк Ван Ден Иден.

-Со големо задоволство го селектирав овој филм. Како критичари, секогаш е наша должност да се осврнеме на главната компетиција на Берлин, Кан и мора да се биде внимателен при изборот. Меѓу критичарите режисерот важи за нов талент, но и вие како кинематографер придонесувате во голем дел, рече Куновски.

За присутните беше интересно што станува збор за билингвален филм. Лара зборува француски со татко си, а во болницата зборува холандски.

-Мислам дека јазикот може да биде ново и збунувачко за публиката, но според мене тоа е типично белгиски поради двете различни јазични области во Белгија. Нема некоја посебна причина за билингвалност во филмот, туку сакавме да прикажеме нешто што е дел од животот во Белгија. Тие доаѓаат од Брисел каде зборуваат француски, но потоа се преселуваат во Белгија и таму зборуваат холандски. Инаку, ова е вистинска приказна, Лора навистина постои , се запознав со девојката додека снимавме, но таа не сакаше да се експонира и не се мешаше во сценариото. Кога филмот се прикажа, таа се претстави на белгиските медиуми, беше многу храбра и сакаше да ја поддржи идејата за дискусија за трансродовите лица, раскажа Ван Ден Иден.

Виктор Полстер ја толкува улогата на Лара и општа е оценката дека тој е многу добар избор на режисерот за оваа улога.

-Повеќе беше среќен избор, бидејќи тој никогаш не бил порано пред камера. По професија е танчер, беше искусен со работа пред публика, но немал никакво искуство за пред камера. Не знаевме како ќе реагира на снимањето, но тој беше во секој кадар, секој ден и беше среќен со изборорт, објасни Ван Ден Иден.

Со Лукас Донт, режисерот на филмот  воопшто не се знаеле.

-Го запознав кога ми го даде сценариото и ми рече дека сака некој кој е поискусен во екипата за полесно да ги надминуваат проблемите. Ми се допдна начинот на кој го направил сценариотот. Се беше многу фокусирано и по 10 страници знаев дека беше добро напишано сценарио, истакна Ван Ден Иден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top