| четврток, 6 декември 2018 |

„Ага“, „Засолниште“ и „Вечна зима“: Филмови за тешките европски прашања претставени на „Браќа Манаки“

Утрово, гостин на прес конференција беше Калојан Божилов, кинематографер од Бугарија, кој го претстави  филмот „Ага“.

-Извонреден филм, една визуелна поема, кој беше откритие и на Берлинале. Некои филмски критичари сметаа дека е штета што не е во конкуренција на Фестивалот, но можеби ќе биде бугарски кандидат за „Оскар“. Филмот е многу уникатен, работен е во тешки околности и веројатно било огромен предизвик да се снима во  поларната вечна зима, под 20 и 25 степени целзиусови, рече селекторот, Благоја Куновски -Доре.

Божилов појасни дека оваа година филмот нема да биде бугарски кандидат за „Оскар“ бидејќи се’ уште има фестивалски живот во Варна, но можеби ќе биде следната година.

-Всушност кога стигнавме во Јакутија беше -40 степени целзиусови, но исто е како да снимате било каде.  Најважно е што не можеше да се повторуваат сцените бидејќи нивоата на снег се зголемуваат. Можете да снимате само еднаш, нема преснимување. Поради тоа се’ одеше малку побавно. Вкупно снимавме 40 дена. Избрав да снимам на 35мм. Лента, не дигитално поради студеното време и порад сликата и самата приказна. Користев „Ари кам вајт“ (Ари камера бела), која е доста добра. „Ари“ е лидер во светот. Со Милко сме веќе тандем, ова е втор фил на кој работиме. За него не постојат граници и затоа студот и снимањето во Канада не претставуваше никаков проблем, ги сподели искуствата Божилов.

Заблагодарувајќи се за прекрасниот филм, директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, истакна дека кога го гледала во Берлин на филмскиот фестивал била воодушевена и оттогаш настојувале заедно со селекторот Куновски да го донесат и на Фестивалот во Битола.

-Ми се допаѓа што има бура во ликовите, а лицата на актерите се мирни. Навистина направивте симбиоза меѓу човечката природа и самата природа, но истовремено и ги поделивте во широките кадри, истакна Теодосиевска.

Филмот „Засолниште“ во режија на Сара Логан Хофстеин, беше прикажан како специјална проекција. Станува збор за американско-еврејска преговарачка која  се преселува во Виена и почнува врска со бегалец од Етиопија. Филмската приказна се поклопува со животната приказна на режисерката и сценаристка Сара Логан Хофстеин.

-Јас сум Еврејка од САД која живее во Виена. Во Австрија многу работи се случуваа во 2015 година, со кои можеше да се повлечат паралели со настаните во 1938 година. Се повлече канцеларот во Австрија, доаѓаа бегалците и беа сместени во кампови, не во концентрациони логори, но сепак еден вид на кампови, им беа одземани лични предмети, им ги конфискуваа, исто како што им се случуваше на Евреите и сите тие работи ме допреа како Еврејка. Сепак, 95 проценти од Австријците, особено младата популација ги поддржува бегалците и нивната мака, всушност стариот режим е оној што се држи до оние многу застарени и опасни вредности. Но, добро е што Австријците сфатија дека не се жртви во Втората светска војна, туку се сторители, го прифатија тоа и продолжија понатаму. Со филмот ние не сакавме да попуваме никому, но би сакале да ги поттикнеме сите да направат тоа што можат. Еден човек можеби нема да го смени светот, но движењето може и тоа е пораката. За мал филм, тешко беше да се заинтересираат големи компании кои би го помогнале снимањето. Би сакала да истакнам дека имавме прекрасно спонзорство од „Ари“ од кои добивме цела опрема за работа, раскажа режисерката и сценаристка на филмот Сара Логан Хофстеин.

Филмот е работен од екипа која е семејство: Сара е ќерка на Мајкл и Марија Хофстеин кои во овој филм се кименатографер и продуцент, а кои од друга страна имаат богато искуство во холивудските продукции и студија.

-Ние сме како запчаници во семејната машина. Ние сме семејство филмаџии, цел живот го поминавме во студијата во Лос Анџелес, а потоа и во Европа 20 години. Работиме многу хармонично како тим, рече Мајл Хофстеин, кинематографер на филмот „Засолниште“.

Од селекцијата „Европски преспективи“, Слаѓан Пенев го претстави филмот „Вечна зима“ и кинематограферот Андраш Наги. Филмот е заснован на вистинска приказна за тоа како во 1944 година Унгарци биле водени во советски работнички кампови. Ова прашање за првпат се покренува во унгарското општество.

-700 илјади луѓе биле депортирани и дека 300 илјади  од нив никогаш не се вратиле. Ова е трауматична епизода за едно општество и воопшто не била отворена 60 или 70 години и сигурно било изненадување за јавноста во Унгарија. Голем број Унгарци воопшто не знаат за овие случувања, рече Пенев.

Снимано е на планини со многу снег и имале блиски средби со волци, но најважно е што за првпат во овој фил се раскажува една вистинска приказна, која ги поттикна дедовците и бабите да ги раскажат приказните.

-Најважната работа беше дека луѓето кои беа таму во Новгород, на времето, претходно пред 1989 година не смееја да зборуваат за тоа, а потоа не сакаа да зборуваат. Ова беше моментот кога започна некаков разговор, а медиумите целосно го поддржаа филмот. Мој омилен дел од филмот е она што се случуваше во рудникот, работевме под земја цела недела цела екипа, каде настојувавме да го пренесеме истото чувство како кога работеле луѓето во тоа време, истакна Наги.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top