| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот„Брак“, косовскиот кандидат за „Оскар“ на ИФФК „Браќа Манаки“

Денешниот ден на фестивалот започна со претставувањето на филмот од програмата Перспективи на европскиот филм  „Брак“ и режисерката Блерта Зекири.

Станува збор за косовски филм кој прикажува необичен љубовен триаголник, каде на само две недели пред свадбата на Анита и Беким, во градот доаѓа Нол, тајниот љубовник на Беким.

-Филмот отвара тема за која сме свесни дека постои, но некако е на маргините на општеството. Проблемот со кој се соочува ЛГБТ заедницата е мошне храбро обработена. Иако ги има сите аспекти на едно балканско општество, има и многу убави патријархални сцени, со негување на традиционалните вредности, затоа што луѓето во публиката не се секогаш подготвени да видат сцени на водење љубов меѓу двајца актери кои се мажи, рече Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Перспективи на европскиот филм“.

Филмот „Брак“ е прв долгометражен филм на режисерката Зекири и имаше голем успех на фестивалите досега.

-Огромно беше влијанието на актерите во пишувањето на сценариото, но сакам да ја истакнам и нивната храброст што прифатија да бидат дел од овој проект затоа што во Косово кога почнавме да го снимаме филмот во 2012-2013 година, имаше голем инцидент на забавата која промовираше издание посветено на ЛГБТ заедницата. Таму дојде голема група екстремисти кои уништија се’, а некои луѓе беа претепани. Затоа  и ние бевме преплашени дека нешто слично може да ни се случи и нам со оглед на тематиката на филмот. Филмот го чувавме во тајна, медиумите ја знаеја темата, но ни помагаа и не објавија ништо се додека не го завршивме. Голем удел имаа и актерите Албан Укај, кој е многу популарен, работел во странство и тој е како косовски Брет Пит, сите го сакаат, а улогата на Нол, љубовникот во филмот, ја толкува косовската рок-ѕвезда, Генц Салиху, рече Зекири.

За филмот „Зимски муви“, кој синоќа се прикажа во компетиција за „Златна камера 300“, говореше кинематограферот, Лукаш Милота. Филмот и кинематограферот ги претстави Благоја Куновски-Доре, селектор на главната програма на Фестивалот.

-Децата не се професионални актери. Доста долг процес беше работењето со нив, пробите траеја повеќе од шест месеци, но потоа го добивме ефектот на тинејџери авантуристи кои во филмот тргнуваат по смрзнатиот пејзаж на југ во потрага по авантура, рече Милота. Тој е втор пат на фестивалот „Браќа Манаки“.

Милота кажа дека користел камера „Алекса мини“, бидејќи била компактна и лесна ракување особено за овој филм.

Марија Апчевска, претстави две екипи од селекцијата на кратки филмови. Режисерката на филмот „Бреза“, Пејсли Валентин Валш говореше за идејата за филмот.

-Спомените од детството беа главната идеја да го снимаме филмот. Настојувавме целот време да се држиме до спомените, рече Пејсли.

Филмот е сниман на филмска лента што е многу тешко.

-Уште потешко е кога имате и куче и две деца и немате можност повеќе пати да ги снимате сцените. Изборот да работиме со филмска лента сметаме дека дава опипливост на публиката, истакна Винченцо Марангино, кинематографер на филмот „Бреза“.

Вториот филм од селекцијата на кратки филмови кој беше претставен денеска беше филмот „Без љубов“, кој е снимен во тешки услови на планина.

-Снимавме три дена во Маврово, локацијата е во Македонија, и беше тешко да се работи во тие услови. Знаеме дека особен впечаток остава сцената на скокањето во езерото, која не беше воопшто лесно да се сними, но успеавме, рече режисерката и сценарист на филмот, Дина Дума.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top