Македонската опера и балет в петок ќе ја почне новата сезона 2018/2019 година со најпопуларната сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, која репризно ќе биде изведена наредниот ден, 29 септември.
Кореографијата и либретото на претставата е на Кан Аслан од Турција, сценографијата на Миодраг Табачки од Србија, костимите за операта ги направи Елена Дончева, а за балетот Гизем Бетил од Турција. Диригент е Бисера Чадловска. Ќе настапат хорот, оркестарот на МОБ, оперските солисти Наде Талевска, Катерина Стојановска, Горан Начевски и Луиџи Скифано од Италија и балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Ивана Коцевска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Игор Веланоски и Мирослав Митрашиновиќ.
– „Кармина Бурана“ со години го привлекува вниманието на режисерите и кореографите, но и на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар, соопшти МОБ во најавата за отворањето на новата сезона.
Карл Орф ја компонирал „Кармина Бурана“ врз основа на збирка поеми, песни и текстови кои случајно ги открил во бенедиктинскиот манастир Бенедиктбеверн во местото Бура блиску до Минхен, под заедничко име „Песните од Бура“. Поемите се пишувани од патувачките монаси и независни интелектуалци, како и од студенти по теологија. Од нив Орф ја компонирал трилогијата „Трионфи“ во која покрај „Кармина Бурана“ се и „Катули Кармина“ и „Трионфо ди Афродите“. Пишувани се на латински, старофранцуски и макаронски (мешавина од горногермански или гатински дијалект и француски).
„Кармина Бурана“ во Скопје првпат интегрално и концертно е изведена на 19 јануари 1973 година во Универзалната сала со учество на Македонската филхармонија и Хорот на АКУД „Мирче Ацев“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.