Фестивалскиот ден во Битола денеска започна со прес конференција на тимот кој го работеше филмот „Љубовникот“ што беше прикажан синоќа на свеченото отворање на фестивалот.
„Одличното мало филмче со голема идеја – „Љубовникот“имаше светска и македонска премиера, но после ова секако ќе биде претставен и на други фестивали. Денеска фестивалската атмосфера ја исполни добро чувството дека имавме светска премиера на убав филм, кој неговите продуценти во најскоро време ќе го пласираат на некој од светските фестивали, бидејќи тој секако ќе допре со својата универзалност и јазик до срцата на пошироката публика бидејќи навистина има едно и носталгично, омажовско свртување кон она што бил некогаш стариот добар филм и она што значи сегашно некакво видување на филмот, со технолошките спојувања на процесите за да се направи едно вакво дело“, рече Благоја Куновски – Доре, претставувајќи го филмот.
На средбата со новинарите присуствуваа режисерот и сценарист, Игор Иванов – Изи, кинематограферите Дејан Димески и Томи Салковски и актерите Наталија Теодосиева и Сашо Петровски.
За идејата за снимање на „Љубовникот“ говореше режисерот и сценарист Игор Иванов.
-Ова е една постара идеја. Овој филм сакавме да го направиме поодамна. Сценариото е напишано уште во 2009 година. Го напишав во еден здив, ми дојде од некаде оваа идеја и размислувавме со Томи дека е најдобро да се реализира со камерата на браќата Манаки. Тоа што сакавме да го направиме е да направиме еден постмодерен акт и да не биде само филм по себе, туку да биде нешто што на филмот му е прикачено дополнително како ПР случување, нешто што има врска со јавноста и на тој начин да функционира тоа како дело. За таа замисла да биде целосна сакавме да ја репарираме камерата на браќата Манаки, дури доаѓавме овде во Битола со Томи и со почитуваниот Драган Салковски, кој правеше инспекција на камерата, проверуваше дали е во ред, какви се запчаниците, објективот 16 милиметарски…итн. Сакавме сето тоа да го направиме и со таа камера да го снимиме филмот, но тоа не се случи поради буџетски ограничувања. Бидејќи тој процес навистина не може да влезе во буџетот за еден краткометражен филм и потоа размислувавме што и како понатаму, Томи ме праша дали би аплицирале со овој филм повторно, јас се согласив, Агенцијата за филм овозможи сретства и ете го снимивме овој филм со стандардна техника од денешно време, со „ари алекса“ камера. Сакавме да направиме едно, испадна друго, но се разбира дека дестинацијата на овој филм беше секогаш „Манаки“. Секогаш имавме идеја да го промовираме овде и многу ми е драго што се случи вчера, девет години по иницијалната идеја, рече Иванов Изи.
Кинематограферот и продуцент на филмот, Томи Салковски говореше за соработката со Драган Салковски и идејата да се снима со камерата на браќата Манаки.
-Целата идеја филмот да се снима со камерата на браќата Манки беше изводлива, но сепак многу скапа. Имавме доста разговори со „Маџар филм“, добивме многу поволни услови, но во моментов во светот се помалку се работи на филмска лента. Целиот процес е доста поскап, поготово за овие мали филмови, кои се еден вид на егзибиција. Ние сакавме да работиме со нешто што е старо, што стои во архива. Овде за време на Фестивалот камерата е изложена како експонат, а ние сакавме да ја репарираме, а тоа не е лесно и повлекува дополнителни трошоци, но мислам дека тоа треба да се направи во иднина, еве ова нека биде една иницијатива оваа камера да се репарира и да се врати во функција, бидејќи таа не е само наша македонска, туку и балканска историја за почетоците на кинематографијат“, истакна Томи Салковски.

-Бидејќи снимавме со камера „Ари алекса“, се решивме сето тоа да го направиме како една игра, да направиме заеднички проект со Изи, со Дејан и Салко. Беше многу интересно и многу лесно од аспект на кинематографер, во споредба со онаа првичната идеја и задача што ја имаве замислено, заклучи Томи Салковски.
Тој се заблагодари на Агенцијата за филм на Република Македонија, на Фестивалот „Браќа Манаки“ што го прикажа овој филм на отворањето и истакна дека се надева оти филмот, иако е специфичен сам по себе, ќе има интернационале живот.
Дејан Димески, минатата година освори „Бронзена камера 300“ за филмот „Жаба“, а годинава е дел од тројцата кинематографери на филмот „Љубовникот“. Тој се осврна на соработката со Драган Салковски, ветеран во македонската кинематографија, кој со задоволство го пренесува своето искуство на помладите и за процесот на снимање.
-Драган Салковски седеше зад мониторот заедно со Изи и секогаш ни кажуваше идеи, , имаше постојано свои коментари во однос на композицијата, на структурата, затоа што филмот се снимаше на „ари алекса“, но сите монитори беа завртени на црно-бело. Инаку, јас во својот окулар гледав во колор. И така се случуваше да има интеракција, па се враќавме да видиме како изгледа снимениот материјал. Претходно ги избравме сите тоналитети за да може да ја доловиме таа фотографија на тој штимунг на таа црно-бела фотографија и соработката беше прекрасна. Инаку, со Томи заедно дипломиравме, а со Драган Салковски се знаеме од кога се занимавам со оваа професија така што сето ова беше едно прекрасно искуство, рече Димески.
На прес конференцијата присуствуваа и актерите Наталија Теодосиева и Сашо Петровски, а општ беше заклучокот дека тој е одличен како идеја дека сепак љубовта победува.

Наталија Теодосиева рече дека ова било прекрасно искуство.
-Досега немам работено такви сцени, Не сме имале прилика така да работиме. Со Сашо имавме неколку проби, две до три проби со акробациите, лесно се работи со него бидејќи тој е професионалец и мислам дека многу добро се снајдовме како изведувачка и актерска двојка, рече Наталија.
Сашо Петровски е професионален акробат.
Имав неколку сцени во кои направив точно тоа што ми го кажаа и мислам дека испадна добро, рече кусо Петровски.
На прашањето во каква состојба ја затекнале камерата на браќата Манаки и колку би чинела нејзината репарација, Томи Салковски истакна дека камерата има проблем со објективот.
-Објективот е фиксиран, но механизмот функционира беспрекорно. Оставена е во добра состојба. Требаше да се направат мали интервенции и проби. Да не се направеа тие проби теоретски ние не можевме да дојдеме до точна пресметка. Се прават проби, се снима материјал се носат во лабораторија и после тоа стручни лица врз основа на снимениот, експонираниот материјал проценуваат што треба точно да се направи. Немавме некои точни пресметки, само апроксимации кои беа поголеми од буџетот кој беше доделен од Агенцијата за филм, така што одлучивме да не навлегуваме во посериозни елаборати во поглед на репарацијата. Инаку објективот е своевиден камкордер и за него е потребна репарација, треба да се прати во „Цајс“, објасни Томи Салковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки


