| четврток, 6 декември 2018 |

Американски двојка обвинета за дрогирање и силување жени (Видео)

Познат хирург од Њупорт Бич, Калифорнија, и неговата девојка се уапсени за дрогирање и силување на две жени. Но, тоа би можело да биде само почеток на истрагата бидејќи калифорниските власти веруваат дека вистинскиот број на нивните жртви би можел да биде далеку поголем.

Грант Вилијам Робишо (38) и Цериса Лаура Рајли (31) се обвинети за силување со помош на дрога, орален секс со користење анестезија или контролирани супстанци, напад со намера за извршување сексуален напад, поседување контролирани супстанци за продажба и нелегално поседување огнено оружје.

Главната причина поради која инспекторите се сомневаат дека нивните жртви се само две во подолга низа е она што го пронашле во мобилниот телефон на Робишо – стотици слики на жени во несвест, кои очигледно не биле во можност да дадат согласност за секс, пренесе Си-ен-ен.

„Врз основа на овие докази, веруваме дека постојат многу неидентификувани жртви“, рече окружниот јавен обвинител, Тони Ракукас. Иако биле пронајдени повеќе од 1 000 снимки, Ракукас не кажал дали на нив биле исти или различни жени. На снимките, исто така, се гледаат и двајцата обвинети.

Адвокатите на обвинетиот пар велат дека двајцата ги негираат обвинувањата за присилен секс и дека тие обвиненија се штетни за вистинските жртви на силување. Но, според Канцеларијата на државниот обвинител, Рајли и Робишо се сретнале со 32-годишна жена во ресторан во Њупорт Бич во април 2016 година и ја поканиле на забава, каде што ја опиле и издрогирале, по што ја одвеле во својот стан и ја силувале.

Целиот инцидент е снимен со мобилен телефон. Жртвата отишла во полицијата следниот ден, при што со анализа на крвта во нејзиниот организам биле пронајдени траги од разни лекови и дроги.

Шест месеци подоцна, друга жена, исто така, наводно била силувана откако со нив пиела во бар. Како што објаснила во полиција, таа се разбудила во нивниот стан и викала за помош додека соседот не повикал полиција.

Можно е дека овој пар силувал жртви и надвор од Калифорнија, додека патувал на фестивалот „Брнинг мен“ во Невада. Канцеларијата на државниот правобранител ги повика можните жртви да поднесат извештај до полицијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top