| четврток, 6 декември 2018 |

Русе Арсов, МОТ: Секое творење во театарот, оној вистинскиот, се сведe на ентузијазам

Секое творење во театарот, оној вистинскиот, се сведe на ентузијазам. Кај нас доколку си се определил да создаваш во театар, не знам дал воопшто можеш да се пофалиш дека живееш само од тоа, вели во интервју за „Република“ Русе Арсов, извршен продуцент и член на програмскиот совет на фестивалот „Млад отворен театар“ (МОТ) кој се одржува по 43. пат, годинава од 20 до 28 септември на неколку места во градот  – Македонски народен театар, Македонска опера и балет, Кино Култура, Македонска филхармонија, Универзална сала, Кино Фросина – МКЦ, Дансинг сала – МКЦ и Драмски театар.

Арсов е дипломиран продуцент на отсекот за филмска, театарска и ТВ продукција на Факултетот за Драмски уметности, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а во организацијата на МОТ е веќе 15 години, а од неодамна е и в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ). Со Арсов разговаравме за континутетот на најстариот театарски фестивал во регионот, за предизвиците тој да се организира, за луѓето кои учестуваат во неговото креирање.

Нудиме повторно шанса преку театарот да погледнеме во нас самите. Се грижиме да имаме повторно фер цени, затоа што МОТ е достапен за сите. И затоа само едно препорачуваме: Не пропуштајте! – вели Арсов.

МОТ се отвора  во четврток, на 20 септември, во 20 часот, во Македонски народен театар со белгиската „Блокбастер“ или „театарската НЛО претстава“. Претставата е филм-пародија, создадена со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Од таа гигантска монтажа се раѓа приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.

Втората вечер е резервирана за Словенско младинско гледалишче и претставата „Идиоти“, која настанува според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, а го поставува Нина Рајиќ, едeн од најартикулираните театарски гласови на младата генерација. Претставата едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. По неа следува германската „Има уште“, која е експеримент и ново колективно кореографско искуство, кое предизвикува внимание на поинаков начин.

Сцената на кино Фросина е домаќин на третиот ден на МОТ, кога гостува Новосадско позориште со најнеобичната поставка на текстот на Данило Киш „Гробница за Борис Давидович“, во режија на нашиот Александар Поповски, на унгарски јазик.

Во програмата на МОТ се „Странци“, на Нела Витошевиќ, потоа португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел, со „Го убивме шугавото куче“, на малата сцена во Македонската филхармонија, Искра Шукарова со студентите на ФМУ ја поставува „Чудна шума“, а по неа следува премиера на домашната независна театарска трупа Артопија со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим. Следува, „Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ која ќе биде прикажана во Македонската опера и балет, а по неа следуваат соло проектот на Словенецот Марко Булц – „Прва алтруистичка приказна“, па компанијата на Јо Стромгрен, овојпат со женски кастинг во „Болница“.

МОТ годинава го слави 43. роденден и покрај БИТЕФ и МЕСС е еден од најстарите театарски фестивали во регионот. Како ви успева да го одржите континутетот, посебно во ова време?

АРСОВ: Во ова време? – Едноставно!, па МОТ е пред времето. 🙂
Организатор на МОТ е МКЦ, и од „наследените“ проекти кои ги реализира оваа генерација на нашето уредништво, МОТ можеби и е најблизок до нашите визии како треба да изгледаат програмите кои институција како МКЦ ги продуцира. Токму затоа и во овој фестивал влегуваме со целосна енергија и посветеност – оставајќи ги на страна сите пречки кои се обидуваат да не поколебаат или попречат во тоа. И да, МОТ не само што е еден од најстарите фестивали во регионот, туку и МОТ е фестивал кои нема ниту една година прекин во тој континуитет – и токму затоа истовремено е фасцинација, и обврска, но и предизвик.

Времето на раѓањето на МОТ е време на голем ентузијазам. МОТ не е само фестивал, тој е движење, сметаат основачите на МОТ. Дали може денес да важи оваа синтагма?

АРСОВ: Секако ДA. Секое творење во театарот, оној вистинскиот, се сведe на ентузијазам. Кај нас доколку си се определил да создаваш во театар, не знам дал воопшто можеш да се пофалиш дека живееш само од тоа. Па дури и оние кои творат во институционалниот театар. Но се твори. На мускули, на сила, со многу енергија, пожртвуваност и откажувањам, во театарот се твори, со многу љубов.

Русе Арсов: ОТ е фестивал кои нема ниту една година прекин во тој континуитет – и токму затоа истовремено е фасцинација, и обврска, но и предизвик

Септември секогаш „мирисал“ на МОТ. Ова е фестивал на младите кои носат предизвици кои ние старите можеби веќе ги немаме, ги запуштивме, ама ним им се нужни за нивната егзистенција, рече Кирил Темков, еден од основачите на МОТ на една промоција на Фестивалот. Се согласувате со оваа констатација на професорот?
АРСОВ: Секогаш се согласувам со професорот кога станува збор за МОТ, па и за театар воопшто. И од почит, а пред се како основач на ова убава приказна за која се уште разговараме денес, нема да се осудам ништо ниту да реплицирам, ниту да додавам или одземам.

Дел сте од МОТ повеќе од 15 години. Колку е тешко, мачно да се реализира фестивал од ваков калибар? Од кого ја имате најголемата помош?
АРСОВ: Да, веќе и јас остарев на МОТ. 🙂 Но морам да бидам искрен, дека мене воопшто не ми е мачно, напротив. Во МКЦ соработувам со одличен тим на уредници и програмски организатори, со кои успеавме низ годиниве да создадеме една наша приказна, еден наш систем преку кој се што е убаво, е и возможно. И тоа е препознаено од публиката. МКЦ во моментов е составен од две генерации: едната „младите“ уредници, кои со срце се влезени во тоа што го работат, и втората постара генерација од техничари, кои во душа ја носат енергијата на МКЦ уште од неговото основање. МОТ е само една од приказните на МКЦ, тука се и „нашиот“ Здраво Млади, МКЦ е организатор на можеби и најголемиот домашен филмски фестивал Синедејс, Бела Ноќ во Скопје и сите други сопствени продукции, бројните концерти, манифестации, изложби, театарски претстави… Но и сите оние програми на кои сме партнери, домаќини, поддршка – се е тоа дел од нашиот „тренинг“. 🙂

Во изминативе години Вам како МОТ, но и како Русе Арсов ви успеа да донесете големи театарски продукции, но и да афирмирате млади театари. Што не смее да пропушти гледачот на овој МОТ?

АРСОВ: Сите претстави претпазливо ги бараме и бираме преку целата година, неблагодарно е да одвојам некоја од нив. Но МОТ трае помалку од десет дена. И доколку тој е „Прозорец кон театарска Европа“, тогаш зар вреди нешто од него да се пропушти – кога е само сега и тука? Имаме, избор на изрази, ставови, пристапи и естетики… Нудиме повторно шанса преку театарот да погледнеме во нас самите. Се грижиме да имаме повторно фер цени, затоа што МОТ е достапен за сите. И затоа само едно препорачуваме: Не пропуштајте! Следењето на нашите програми е најчесто неповторливо искуство – од секој аспект.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top