Денеска до ЕУ инфо центарот се одржа третата по ред прес конференција во пресрет на 39. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. На конференцијата, Гена Теодосиевска, директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ рече дека фестивалот поминува низ интензивен период на подготовки.
-Во различните филмски програми имаме вкупно 95 наслови, имаме филмови од големи продукции селектирани на најголемите и најпознатите светски филмски фестивали, но и оние квалитетни уметнички продукции коишто може да се најдат на помалите филмски фестивали во Европа и светот. 39 издание на Фестивалот ќе биде отворен светска премиера на најновиот краток филм, „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов Изи. А веднаш потоа, во чест на добитникот на Златната камера 300 за животно дело, кинематограферот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“. Во чест на филмската дива Клаудија Кардинале, надвор од официјалната конкуренција ќе биде прикажан нејзиниот најнов филм „Благородни лаги“, продукција на Поло Роси, покрај продуцентот во Битола ќе пристигне и една млада актерска екипа од овој филм. Оваа година почина нашиот лауреат од 2016 година, кинематограферот Роби Милер и во негова чест ќе биде прикажан документарниот филм за него, кој пред неколку денови ја имаше светскта премиера во Венеција, а во Битола ќе дојде неговата сопруга и авторите на филмот.
Годинава внесуваме и една нова програма „Полноќен јавач“, која ќе има едукативен карактер, особено ќе биде интересна за младите и заради жанрот на хоротот а низ мајсторството на филмските класици. Програмата ќе ја води Микеле ди Анџелис, режисер и сценарист од Италија. Фестивалот поминува низ интензивен период на подготовки, истакна на средбата со новинарите Теодосиевска.
Селектор на Главната програма „Камера 300“ е Благоја Куновски – Доре, кој рече дека оваа програма е брендот на фестивалот, по неа, како и по другите програми не’ препознаваат.
-Но, во главната програма се одвива трката по трите главни награди за кои одлучува петчлено интернационално жири. Програмата ја чинат 12 навистина врвни дела, затоа што ако претендираме да сме светски фестивал и да сме врвен фестивал као прв и најстар во светот, мора да водиме сметка, секогаш да биде тоа повеќе од златниот просек и секогаш да сме на извориштето на трите најголеми трите филмски фестивали: Кан, Берлин и Венеција и ако дозволат околностите, да вклучиме и филм од другите фестивали како лани од Карлови Вари. Годинава имаме шест филмови од компетицијата во Кан, три од Берлин и два и минатогодишниот фестивал во Венеција, рече Куновски.
Фестивалот ќе се затвори со филмот „Црниот Кју-кју клановец“ во режија на Спајк Ли и со краткиот филм „Скаут“ на Алекс Цветков, режисер од македонско потекло кој живее во САД.
Селектори на Документарната програма се Гена Теодосиевска и Марија Џиџева.
-Промените што ги внесуваме од оваа година е и присуството на што поголем број филмски работници, филмски критичари, новинари што го познаваат филм да бидат делод тие селекторски програмски екипи за да се освежат нашите хоризонти, рече Теодосиевска. Таа истакна дека дел од програмата ќе биде и документарниот филм за Папата Франциско од Вим Вендерс.
Селекторите на програмата Кратки филмови, режисерите Даријан Пејовски и Марија Апчевска избраа 9 филмови од осум земји.
-Како режисери не ни беше лесно да избереме филмови затоа што пристигнаа навистина голем број различни остварувања и од големите, но и од некои помали филмски фестивали, рече Апчевска.
Даријан Пејовски истакна дека програмата може да се дефинира со еден збор: диверзитет.
-Сега е добро време за правење филови, особено кратката форма која е растоварена од политиката на долгите филмови, навистина се чувствува една авторска слобода. Имаме и македонски филм зашто треба да ја негуваме обврската да ја негуваме и оваа форма во македонската кинематографија“, рече Пејовски
Програмата „Мак поинт“, е ревијална и ги претставува новите македонски филмови. Се работи за селектирани филмови според квалитетот.
-Од 24 до 27 септември на фестивалот ќе бидат прикажани вкупно 20 филмови, што е двојно повеќе од минатата година, а повеќе од половина се премиери. Тоа е најновото од краткометражната, документарната и анимираната македонска кинематографија. Има различни авторски приод на слични теми, урбани приказни, животни човечки судбини, во тренд со европскиот филм“, рече Ана Василевска, селекторката на програмата.
Микеле ди Анџелис е режисер и сценарист од Италија, кој работел на реставрација на старите филмови. Тој рече дека го интересира каков бил филмот порано во историјата и е заинтересиран тоа да истражува. Тој годинава направил селекција на хорор филмови на големите мајстори која е насловена „Полноќен јавач“.
Комуникациски партнер на 39-тото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ е маркетинг агенцијата „Меккен Скопје“, која стои зад креативниот концепт „Hats off“ (Симнуваме капа) и визуелниот идентитет на Фестивалот, чијашто инспирација потекнува токму од почитта кон сите филмски уметници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Фестивалот „Браќа Манаки“ инспирација за нов балкански филмски фестивал
-
Заврши 39.ИФФК „Браќа Манаки“: Златна камера 300 за кинематографер Кјонг Пјо Хонг
-
Франк Ван Ден Иден кинематограферот од филмот „Девојка“ претставен на „Браќа Манаки“
-
Фестивалските гости на „Браќа Манаки“ го посетија гробот на Милтон Манаки