Во таборот на Вардар се свесни за квалитетите на Стеауа, првиот противник на „црвено-црните“ во квалификациите за пласман во Лигата на шампионите, но велат дека нема предавање и дека во Букурешт заминуваат без бело знаме. Првиот меч ќе се игра на 16. јули од 20.45 часот во Букурешт, а реваншот е на 23. јули во Скопје.
– Фудбалот е најважната споредна работа на светот и затоа е интересна бидејќи нуди и можност за изненадувања. Се игра 11 на 11 и нема потреба од никаков страв. Ако одиграме како што знаеме, имаме шанса за добар резултат. Стеауа е фаворит, има одличен тим и многу се компактни, но не им се плашиме – вели новиот капитен на Вардар, Раденко Бојовиќ.
Тој ќе треба да командува со одбраната на Вардар, против екстра-силната Стеауа. Романците буквално газеа сѐ пред себе во романското првенство и лесно ја освоија 24. титула, играа добро и во изминатиот циклус на европската сцена. Имаат состав што долго игра заедно и ѕвезди од калибарот на Кипчиу, Станчиу, Костеа, Танасе, нашиот Даниел Георгиевски, и уште неколкумина што се цел на големите клубови во Европа. Стеауа ангажира и фудбалер од Серија А, а дојде напаѓачот Пјовакари од Сампдорија, што само говори за квалитетот на тимот и за буџетот на клубот.
– Не треба воопшто ни да се трошат зборови за големината на Стеауа и за играчкиот кадар. Сето тоа е за почит додека не почне мечот. Наша задача е да го дадеме нашиот максимум, јас сум сигурен дека ќе го сторат тоа. Колку ќе биде доволно тоа, ќе видиме по мечот. Вардар ќе тргне со еден тим со играчи кои се напаѓачки ориентирани. Играчите се способни и кадарни да ги спроведат замислите на теренот – вели тренерот Боби Милевски.
Вардар мора да постигне барем еден гол ако сака да се надева на подвиг против фаворитот. Најдобриот стрелец во македонското првенство Јован Костовски е адут број 1 во нападот на македонскиот првак и тој е главна опасност кон голот на Татарашану.
– Не се плашиме од Стеауа. Подготвени сме. Одиме на изненадување – вели Костовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


