| четврток, 6 декември 2018 |

Невидена драма во едно финале: Судијата и одзема поен и гејм на Серена, Вилијамс плачеше од нервоза (Видео)

Серена Вилијамс не успеа да стигне до толку посакуваната 24-та грен слем титула во својата кариера, а причина за тоа беше феноменалната игар на младата јапонска тенисерка Наоми Осака која успеа да ја победи искусната Американка со 2:0 во сетови.

Дваесетгодишната Осака направи историја и стана првата тенисерка од Јапонија која освои турнир од големата четворка, но за жал, нејзината беспрекорна игра во самата завршница од мечот ќе остане во втор план поради невидената драма која ја направи Серена во соработка со главниот судија.

Откако го загуби првиот сет со 6:2, Серена прва направи брејк во вториот сет и поведе со 3:1, но потоа брзо го загуби својот гејм и почна да покажува први знаци на нервоза. При 3:2 за Серена, судијата Карлос Рамос одлучи да ја казни Американката за кршењето рекет и зборувањето со својот тренер така што и одзема еден поен, а оттука започна расправијата која не заврши до крајот на мечот. Вилијамс го загуби споменатиот гејм и Осака израмни на 3:3, а потоа многу брзо беше и 4:3 за Јапонката бидејќи нервозната Серена почна да поклонува поени. Нервозната шампионка одлучи сиот свој бес да го истури на судијата Рамос од кого побара да и се извини за тоа што и одзема поен, но наместо тоа, следеше уште пожестока расправија по која Серена доби уште пожестока казна.

Главниот судија и одзема гејм на Вилијамс и Осака поведе со 5:3 без игра поради тоа што го нарече „лажго и измамник“, а за ваквиот расплет на настаните, Американката почна да се жали кај одговорните луѓе на турнирот на кои со плачење им објаснуваше дека е ограбена.

Оваа драма траеше до крајот на вториот сет кој Осака го доби со 6:4, а иако Американката покажа доблест и срдечно и честиташе на Осака, сепак не се поздрави со Рамос на кого му порача дека веќе никогаш нема да и суди во кариерата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top