| четврток, 6 декември 2018 |

Говорот на Вучиќ во Косовска Митровица: Ќе победиме без војна, ама нема да се двоумам доколку е нападнат српскиот народ на Косово (ВИДЕО)

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, по неуспешниот обид да стигне до селото Бање, откако косовската Влада му ја повлече дозволата за посета на тој регион поради протести и блокади, им се обрати на жителите на тоа село по телефон од Митровица, каде што го одржа завршниот митинг, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вучиќ им порача на околу 300 Срби од Бање, собрани во центарот на селото, каде што требаше да се одржи собир по неговото пристигнување, дека решил да не замине таму затоа што не сакал да ги загрози нивните животи.

– Ве молам останете мирни, вашата држава ќе застане зад вас. Ќе се трудиме вашиот живот во иднина да биде светол живот. Не сум во состојба да дојдам, но уште помалку сакам да ги изложам на ризик вашите животи, им порача денес преку телефон претседателот на Србија Александар Вучиќ на сонародниците во косовското село Бање откако косовската полиција го сопре во обидот да го посети местото и покрај забраната на косовските власти, предизвикана од блокадата на патиштата од страна на неколку десетици ветерани на УЧК.

Вучиќ се врати во Косовска Митровица каде држи говор на митинг на централниот градски плоштад.

Тој за РТС изјави дека се откажал од посетата на Бање бидејќи не сакал да ги загрозува тамошните Срби. „Не сакам пушки, иако не сум посебно уплашен, но никогаш нема народот да го повикувам на оружје“, кажа претседателот на Србија.

Тој на Србите во Бање им кажа дека косовската влада не сакала тој да ги посети.

-Жал ми е што не можев да дојдам бидејќи тоа не го сакаа приштинските власти, им кажа Вучиќ на жителите на Бање кои околу 300 се собраа во центарот на селото очекувајќи го неговото пристигнување.

И косовските медиуми известуваат за блокадите, истакнувајќи дека биле поставени уште синоќа, пред доаѓањето на српскиот претседател во селото јужно од Ибар.

На патиштата има камиони, поставени се барикади од стебла и запалени гуми, а има и транспаренти „Вучиќ нема да помине“ и „Вучиќ врати се“, пишува порталот Клан Косова.

Посетата на Вучиќ на Бање беше најавена за 10 часот, а премиерот на Косово Рамуш Харадинај ја повлече претходната владина дозвола за посетата на Вучиќ, па полицијата го сопре српскиот претседател на пат кон селото.

Српскиот претседател денес во Косовска Митровица му оддаде почит на неодамна убиениот лидер на Граѓанска иницијатива Србија, демократија, правда Оливер Ивановиќ.

Вучиќ од местото на убиството на Ивановиќ, во улицата Сутјеска, порача дека нема да дозволи „изживување врз српскиот народ“.

Градските власти во Косовска Митровица која ја контролира Српска листа, сестринска партија на Српската напредна партија на Вучиќ, во август не го прифатија предлогот улицата во која беше убиен Ивановиќ да го добие неговото име.

Наместо тоа тие решија името Оливер Ивановиќ да го носи споредна улица во приградска населба.

За време на својот говор во Косовска Митровица, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека поранешниот претседател на Југославија, Слободан Милошевиќ бил голем српски лидер, но дека жебите на Србија во тоа време не биле реални. Според него, Србија не сфатила дека не е сама во светот и дека без светот не може, па поради тоа платила цена.
– Пред околу 30 години, Милошевиќ беше голем да собере стотина илјади луѓе. Нашиот народ пееше со верба, занесени и горди „Ко то лаже, ко то каже Србија је мала“, рече Вучиќ и додаде дека Србија после тоа ја дочекале три војни, дека Србите гинеле во Книн, Сараево и Приштина. Како што кажа тој во Книн денес се вее „шаховница“, во Сараево бројот на Срби е преполовен, а во Приштина живеат само неколку Срби. Тој рече дека Србија денес расте во мир, бидејќи вложува во живот. Вучиќ истакна дека Србија се потпира на знаење и работа, а не на пушки.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top