| четврток, 6 декември 2018 |

„Јадам леб и шеќер за да има за децата“, четиричлено семејство преживува со 5 илјади месечно

17-месечната Величе и 9-годишниот Бојан заедно со своите родители ги повикуваат сите добронамерни и хумани луѓе да им помогнат без разлика дали со финансиски или материјални средства, бидејќи секоја помош е добредојдена. Жиро сметка: 250015000332990, Трајче Конески, Шпаркасе банка.

Трајче Конески и Моника Антевска, невенчани родители на 9-годишниот Бојан и 17-месечната Величе, секојдневно водат борба за егзистенција.

На 38-годишниот Трајче пред 5 години му се дијагностицирани дископатија и дискусхернија, но принуден е да работи 14 часа на ден за да донесе парче леб за своето семејство. Конески работи во градежна фирма каде што зема минимална плата од 12 илјади од кои 7 веднаш му ги одземаат извршителите и банките, па така ова четиричлено семејство се бори за живот со 5 илјади денари месечно.

-На работа сум 14 часа, јадам леб и шеќер за да остане за нив. Излегувам дома во 15 часот, се враќам утрото во 8 часот. Третиот и четвртиот прешлен ми се набиени, а главниот нерв за цела десна страна ми е заглавен помеѓу прешлените. Доколку ногата малку повеќе ја оптоварам, ми се укочува цела десна страна и тоа трае цел час, не можам да се движам, вели низ солзи Конески.

Деветгодишниот Бојан, пак, заостанува во развојот на мозокот, па го посетува Домот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“.

-Детето исто го носиме по болници, од училиштето го пратија во Заводот за ментално здравје на деца и младинци, има заостаток во развојот на мозокот, не може многу да памти, брзо заборава.

Бојан секој ден петчасовната наставата ја слуша со празен стомак бидејќи неговите родители не се во можност да му обезбедат пари за пристојна ужина. „Дете како дете, си бара, треба да му дадеш пари барем за ѓеврек. Еве овие денови наутро до 12 часот е само на смоки. Сакам да му пружам повеќе, но, за жал, не можам“, вели Моника.

Ова семејство живее без социјална помош.

-За храна нема доволно во месецот, имаме храна само за една недела, потоа се снаоѓаме, јадеме што ќе најдеме. Средства за лична хигиена немаме, со 5 илјади што попрво да се купи. Треба и сметките да ги платиме. Социјално не можам да земам бидејќи не сме венчани со Трајче и личната карта ми е на адреса во Куманово, а не во Скопје. Процедурата е голема, треба да се вади извод и други документи, а немам средства тоа да го направам, вели Антевска.

Целиот текст на Макфакс

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top