Оштетени цевки, кал, пумпи за вода и мајстори на терен. Причинета е материјална штета во скопско Тафталиџе, во непосредна близина на нови згради кои никнуваат во тој дел од градот.
Ова е резултат на дефект кој настанал со приклучок на водоводната мрежа, на една од новите згради.
Жителите се револтирани, велат не е ова првпат да се соочат со проблеми со водоснабдувањето, а по дефектот им се поплавени и дел од дворовите и подрумите.
„На стара инсталација, од шеесеттите години, ние сакаме да поврзуваме нови згради. Старата инсталација, цевките, не можат да поднесат толкав притисок. Не е спремна инфраструктурата за толкави згради. Во 21 век во четири часот, човек се враќа од работа, сака да се истушира, да руча – ние немаме вода.“
Директорот на Водовод и канализација, Душко Весковски за Телма посочи дека проблемот настанал поради немарност на градежната фирма која гради неколку нови згради на тоа подрачје.
При приклучокот на водовната мрежа – ископот, затрупувањето на цевките е одговорност на фирмата. Според Водовод, фирмата ги потрупала цевките со повеќе земја од дозволеното, па тие пукнале.
Од инвеститорот на новоизградената зграда, Форм Лаб, отфрлија одговорност за дефектот. Оттаму велат дека ги потрупале цевките по веќе испробана пракса, а тие пукнале поради несреќни околности.
„Спротивно на тврдењето на Водовод и канализација, цевката беше насипувана постепено, во тенки слоеви, а не одеднаш. Кога ја насипавме скоро до нивото на улицата, цевката пукна од тежината која не можеше да ја издржи. Приклучокот на две згради претходно е направен на ист начин, без проблем“, соопштија од Форм Лаб Архитектура и инженеринг.
Во десет дена, дел од жителите на Тафталиџе трипати немаа вода во период од најмалку седум часа.
извор: телма.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.