Скопскиот водовод губи околу 50 отсто од водата преку водоводната мрежа. 15 отсто е онаа вода која се користи за наводнување на зелените површини, хидрантите, јавните чешми итн. Поголемиот дел од оваа вода се губи поради бројните дефекти во мрежата инсталирана под земја, кои не се видливи со голо око.
За да се санираат дефектите и да се спречи губењето вода, ангажирана е израелската фирма „Јутилитис“ која преку сателити може да снима и низ почвата. Израелците во две фази преку нивната технологија треба да ги пронајдат дефектите. Изминативе две недели завршена е само првата во која се откриени 237 дефекти, а втората треба да се заврши во наредните месец дена. За сателитското снимање ќе бидат платени вкупно 6 милиони денари или нешто помалку од 100.000 евра (првата фаза чини 2,5 милиони денари, а втората 3,5).
– Единствената цел на компанијата е пронаоѓање на губитоците на вода. Тоа го правиме од вселената со сателити без да стапнеме на лице место. Она што ни дава предност е што користиме сателитска технологија која има можност да снима низ почвата. Откако со сателит ќе го идентификуваме местото каде има течење на вода, ја упатуваме компанијата да оди и да го санира дефектот. На тој начин се одбегнуваат непотребните трошоци потребни за разновидна опрема за одење на терен бидејќи директно даваме снимка од местото каде што е дефектот – вели Лорен Гај, основачот и технички директор на израелската фирма.
Тој вели дека со опремата која ја поседуваат досега работеле во 27 земји и снимиле над 200.000 километри водоводна мрежа и цевки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.