Заменикот-министер за животна средина Јани Макрадули на денешната дебата организира од Град Скопје за гасоводот на Водно ги убедуваше екологистите дека шумата што се сече не е многу важна за природата.
- Трасата поминува низ ниско-стеблести шуми и низ шуми кои, според европската скала, имаат мало значење за природата – е главниот аргумент на Макрадули наспроти контрааргументот дека со гасификацијата ќе се намали загадувањето на воздухот во главниот град.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски, пак, ги убедуваше активистите за заштита на човековата околина дека трасата ќе се намали од 25 на 10 метри во широчина, а за сметка на местата каде што ќе се исечат дрвја, на други локации ќе се посадат пет пати повеќе стебла.
И неговиот колега од ресорот економија, Крешник Бектеши, се осврна на значењето на гасификацијата „за нашите компании да станат поконкурентни со тоа што ќе им овозможиме поевтина енергија“.
Од своја страна, граѓанските здруженија и иницијативи ја критикуваа Владата дека не го променила проектот на претходната власт што жестоко го напаѓаше пред изборите и за тоа што барa контрола од нив, а е глува за нивните забелешки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.