| четврток, 6 декември 2018 |

Субрата Рој ќе се сретне со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска ќе оствари средба со индискиот бизнисмен Субрата Рој, сопственик на компанијата „Сахара Индија Паривар“, која во Љубаништа сака да гради голем туристички ресорт, јави „Охрид њуз.

– Целокупниот процес на преговарање со „Сахара Индија Паривар“ на Субрата Рој е во ингеренции на Владата на РМ, а секако дека јас како градоначалник и општинските служби имаат обврска да бидат информирани за сите активности. За таа цел во текот на денешниот ден ќе имаме средба на која ќе бидеме детално информирани за сите активности кои досега биле остварени и за активностите кои господинот Субрата Рој има намера да ги реализира во Охрид – изјави гардоначалникот Бакрачески.

Индиската бизнис-делегација предводена од Субрата Рој и неговиот син Сушанто Рој во Охрид допатуваа завчера со два приватни авиона. Тие вчера ја посетија локацијата во Љубаништа, каде што треба да се гради најавениот туристички комплекс и ги разгледаа културно-историските знаменитости на Охрид.

Во изјава за медиумите, Сушанто Рој истакна дека „Сахара Индија Паривар“ очекува поддршка од државата и од народот за реализација на големите планови кои компанијата ги има со Македонија. И тој како неговиот татко е воодушевен од убавините на нашата земја, посочувајќи дека Македонија има исклучителен потенцијал за водење бизнис. Освен за Охрид, каде што сака да гради голем туристички ресорт, „Сахара Индија Паривар“ планира инвестиции низ целата држава, а првите конкретни активности се најавуваат за една до две години.

-Има многу работи што ги планираме во Македонија. Ќе донесеме експерти од Индија кои ќе работат на развој на повеќе сектори како угостителството, земјоделство, фармерство и друго. Очекуваме поддршка од државата и од народот. Мислам дека во 2014 или 2015 година ќе може да се видат многу градби и конкретни активности. За реализација на нашите планови подготвуваме голем тим кој ги разгледува сите проекти што ќе ги работиме тука – рече Сушанто Рој.

Индиската бизнис-делегација предводена од Субрата Рој во Охрид е предвидено да оствари средби и со премиерот Груевски и со вицепремиерот Ставрески, а на покана на претседателот Иванов, ултра богаташот ќе присуствува на отворањето на фестивалот „Охридско лето“. Во чест на своите домаќини, Субрата Рој во Охрид ќе организира гала- вечера на која, покрај државниот врв, се поканети и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top