| четврток, 6 декември 2018 |

Браќата Стојановски, Војдан и Дамјан, вредни засилувања за „кинеската“ кошаркарска експедиција

Браќата Војдан и Дамјан Стојановски ќе бидат вредни засилувања за македонската репрезентација што ќе патува на турнир во Кина, пред стартот на натпреварите на ЕП во Словенија.

Иако овие двајца кошаркари се наоѓаат на „списокот на сигурни патници за ЕП во Словенија на селекторот Алеш Пипан, сепак беше донесена одлука да патуваат со репрезентацијата во Кина и да помогнат да се поправи лошиот впечаток од игрите на Медитеранските игри во Мерсин.

Кормилар и на оваа селекција ќе биде Марјан Србиновски, кој ќе му биде „десна рака“ на селекторот Алеш Пипан во работата со најдобрата селекција за време на европскиот шампионат во Словенија, а нѐ предводеше и во Мерсин.

Во составот што ќе патува за Кина, покрај тандемот Стојановски, ќе бидат и Костовски, Симоновски, Крстевски, Трајковски, Горјан Марковски, Штерјов, Соколов, Ѓуроски, Аврамовски и Брчков.

На тренинзите на националниот тим присуствува и Владо Илиевски, но нашиот јунак од Литванија нема да патува за Кина, туку директно ќе се приклучи на последната фаза од подготовките.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top