| четврток, 6 декември 2018 |

Австриската министерка го брани поклонувањето пред Путин: „Јас не клечам пред никого“ (ВИДЕО)

Австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсл, вчера го бранеше своето поклонување на танцот со рускиот претседател Владимир Путин на својата сопствена свадба.
Таа истакна дека тоа е традиционален танц и дека „тие што ме знаат, знаат дека јас не клечам пред никого“, пренесе Политико.

Кнајсл предизвика осуди во Австрија зашто го поканила Путин на својата минатонеделна венчавка и ги налути и домашната и странската јавност.

Ова било, како што рече шефицата на австриската дипломатија, спонтана одлука кога Путин ја посетил Виена во јуни.

На снимките од свадбата се гледаат Кнајсл и Путин како танцуваат и потоа таа изведува длабок „кникс“ (поклонување).


„Ако некогаш сте виделе отворање на бал, ќе видевте дека тоа секогаш завршува со вакво поклонување“, рече Кнајсл за австриското јавно радио ОРФ и додаде дека Путин претходно ѝ се поклонил нејзе. Кнајсл инсистираше дека свадбата била „сосема приватен настан“.

Сепак, австриските коментатори имаат поинаков став. „Клечењето на Кнајсл пред Путин е срамно“, пишуваше во уредничкиот коментар на Стандард, во кој беше истакнато дека ако посетата на Путин навистина била приватна, министерката за надворешни работи не требало да му дозволи да си донесе тим камермани што ја документирале сцената.

Кнајсл за функцијата министер за надворешни работи беше номинирана минатата година од страна на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО), која има договор за соработка со Путиновата партија Обединета Русија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top