Државната изборна комисија (ДИК) ги продолжува подготовките за претстојниот референдум закажан за 30 септември.
Заврши јавниот увид во Избирачкиот список, што треба да биде заклучен најдоцна до 7 септември, како и пријавувањето на иселениците за гласање.
Своите податоци во Избирачкиот список до крајниот рок 23 август на полноќ во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК ги провериле 5.641 граѓанин. Решение за бришење од Избирачкиот список е донесено за 295 граѓани, за запишување во Избирачкиот список за 94 лица, промени треба да се извршат кај 74 лица, кај седум е констатирано дека се со поништено живеалиште. Проверки во Избирачкиот список граѓаните правеа и електронски преку веб-страната на ДИК. Од Комисијата информираа дека преку 16.000 граѓани ги провериле своите податоци електронски.
На вчерашната седница на ДИК, беше соопштено дека за референдумот во дипломатско-конзуларните претставништва на Македонија се пријавени вкупно 2.855 гласачи, од кои прифатени се 2.755. Одбиени се 100 пријави со образложение дека дел од лицата кои ги поднеле имале истечени патни исправи, а дел немаат живеалиште во Македонија. Поради тоа, појаснија од ДИК, немаат право да гласаат. Најверојатно гласање во дијаспората ќе има во 33 дипломатско конзуларни претставништва. Најмногу се пријавиле во Берн – 321, во Венеција – 258, Љубљана – 217, Брисел – 71, Рим – 51, Вашингтон – 45, Абу Даби – 26… Иселениците кои се пријавиле да гласаат во некое од македонските ДКП нема да можат да гласаат во Македонија доколку допатуваат во земјата. Инаку во Избирачкиот список како иселени се запишани околу 87 илјади лица. Гласањето во дијаспората, кое треба да се спроведе на 29 септември, ќе чини околу 200 илјади евра.
Следната недела, исто така, се очекува да се спроведе едукација на општинските избирачки одбори за референдумот, а потоа и на избирачките одбори, кои ќе бројат шест членови односно тројца членови и тројца заменици.
На вчерашната седница ДИК го усвои Кодексот за набљудување на референдумот, кој става акцент на акредитираните набљудувачи. Тие треба да го познаваат Законот, да се придржуваат кон неговите одредби, да се непристрасни и секогаш со себе да го носат беџот за идентификација.
– За фер и коректно набљудување ДИК е должна да донесе рамка за правилно однесување при набљудувањето на референдумот. Согласно Кодексот, само акредитирани набљудувачи можат да информираат за текот на гласачкиот процес, беше истакнато на седницата.
Кодексот предвидува и ограничување за акредитираните набљудувачи – тие не смеат да влијаат при гласањето и пребројувањето на гласовите, ниту да носат какви било партиски симболи.
Членовите на Државната изборна комисија ја поддржаа и одлуката да се ангажираат дополнителен број лица од Државниот завод за статистика со цел побрза обработка на податоците за излезноста на референдумот.
Како што беше договорено, МВР ќе им издаде лични карти на вкупно 260 лица кои издржуваат казна затвор за да можат да го остварат своето право на глас.
МИА
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Дерковски: Едно гласачко место е поништено бидејќи резултатот намерно бил променет
-
ДИК: Со последните обработени податоци 91,4 отсто за, 5,64 отсто против
-
Нема проблеми при доставата и примопредавањето на гласачките материјали – ДИК ја одржа првата прес-конференција
-
ДИК апелира изборните органи да работат професионално и одговорно, набљудувачите да се придржуваат до Кодексот