Првиот денешен портрет беше посветен на поетот Михаил Ренџов минатогодишен добитник на ова најпрестижно поетско признание, награден за неговата збирка „Јас.Елегии“.
-Јас не дишам, туку издишувам и воздишките ги запишувам, а од нив се родија овие стихови –рече на почетокот на средбата Ренџов, кој наградата „Браќа Миладиновци“ ја доби и во 1982 година за неговата книга „Нерези“.
За творештвото на Ренџов говореа поетот, преведувач и критичар Јовица Тасевски Етернијан, кој истакна дека ова е автор кој истовремено се сосредоточува и на поетската слика и на созвучјата, со што недвосмислено покажува дека негува култ кон совршениот облик. За преведувачот Владимир Цветковски најголемем предизвик при препевот на стиховите на Ренџов на англиски јазик е доловувањето на ритамот на песната.
По портретот, следуваше средба со петмината поети влезени во најтесната конкуренција за наградата „Браќа Миладиновци“: Зоран Анчевски, Андреј Ал-Асади, Јордан Даниловски, Јовица Ивановски и Сузана В. Спасовска. Името на годинашниот добитник ќе биде соопштено на прес конференција утре (петок) во 13.30 часот.
СВП во соработка со Дирекцијата за иселеништво на Република Македонија на Наум Трајчески од Австралија му ја доделија наградата „Стојан Христов“ за најдобра книга на поет од дијаспората.
Симпозиумот „Писмото во егзил/егзилот во писмото“ беше посветен на согледување на литературата пишувана од автори чие писмо и живеење е определено од миграциите и егзилот. Учесници беа Џин Матир од Австралија, Владимир Левчев од Бугарија, Гајат Алмадун Палестина, Шведска и Сирија и Татев Чакијан од Ерменија. Модератор на симпозиумот беше Елизабета Шелева која рече дека тематиката на егзилот е важна за поезијата од многу аспекти, а СВП на егзилот му даде голема поддршка.
Паули Тапио од Финска е лауреат на наградата „Мостови“ за најдобра дебитантска поетска книга на странски поет, признание што СВП го доделува во соработка со УНЕСКО. За предизвикот за превод на неговите стихови на македонски јазик говореше Никола Гелинчевски кој истакна дека поезијата на Тапио се карактеризира со меланхолија, со нова свежина во традиционалнтаа форма и интертекстуалност. А поетот Иван Шопов истакна дека Тапио е хроничар на модерниот свет во кој големото прашање се распарчило на милион мали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.