ОБСЕ и министерот за информатичко општество, Иво Ивановски, ги решиле сите отворени прашања околу нацрт-законот за медиуми кои организацијата ги сметаше за проблематични.
Како што стои во соопштението од ОБСЕ, ова го изјави претставникот за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, по целодневната средба со Ивановски и експертски тим на организацијата.
– Мојата канцеларија одблиску го следи процесот на изготвување на овој закон и многу сум задоволна што министерот ја иницираше оваа средба. Ја користам оваа можност да ги повикам новинарските здруженија во земјата итно да се вклучат во јавните консултации за нацрт-законот бидејќи нивното мислење е важно – изјави Мијатовиќ.
Ивановски објасни дела се дискутирало за повеќе одредби од нацрт-верзијата кои беа предмет на интерес на пошироката медиумска јавност и дека поголем дел од предложените измени ќе бидат вклучени во новиот нацрт-закон.
– Успеавме да ги надминеме различните перцепции за важни членови од законот, кои ќе ја подобрат слободата на медиумите во нашата земја. Исто така, ја цениме поддршката од ОБСЕ и очекуваме соработката на тој план да продолжи – истакнал министерот Ивановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.