| четврток, 6 декември 2018 |

Ден за фудбал – три македонски екипи играат реванши во квалификациите за ЛЕ (видео)

Четврток е ден за фудбал, а три македонски екипи денеска ќе ги играат реванш дуелите во првото квалификациско коло за пласман во Лигата на Европа.

Домаќин ќе биде само Турново против литванска Судува и токму третопласираната екипа во македонското првенство има најмногу шанси да мине понатаму, според резултатите од првите дуели. На „Маријамполе“ во Литванија нашиот претставник одигра 2-2, што е одличен резултат пред денешниот реванш на „Филип Втори“ од 17.30 часот.

– Многумина мислат дека по ова реми сега ние сме фаворити на реваншот, но мојот став е дека нема да ни биде нималку лесно. Судува е добар тим што игра солиден фудбал. Ќе мора во Скопје да играме уште подобро отколку во Литванија за да се пласираме во следната фаза – изјави Зоран Балдовалиев, стрелец на едниот гол во Литванија. Од него и од неговиот партнер во нападот, Блажевски, кој го даде вториот гол од пенал, најмногу стравуваат Литванците. Ако Турново ја мине Судува, ќе игра против Хајдук од Сплит во второто квалификациско коло.

На далечен пат во Азербејџан и во Ерменија, на реванш тргнаа Металург и Тетекс, на дуели со Карабах и Пјуник. Карабах со поволен резултат од 1-0 го пречекува вицешампионот на Македонија, Металург, а Пјуник и Тетекс во Ереван ќе го почнат реваншот без предност по скопските 1-1.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top