Осомничениот за терористичкиот напад во Бостон, Џохар Царнаев се изјасни дека не е виновен на првото појавување пред судот.
Тој е обвинет по 30 точки меѓу кои и убиство на три луѓе на Бостонскиот маратон и полицаец за време на бекството.
На рочиштето кое траело седум минути присуствувале и неговите сестри, како и членови на семејства на загинатите. Во судницата имало и полицајци, колеги на убиениот полицаец.
Американските медиуми објавија дел од обвинението во кое се цитираат зборовите на Царнаев изрезбани на бродот во кој се криеше пред да биде уапсен.
– Американската влада убива невини луѓе. Ние муслиманите сме едно тело и кога ќе повредите еден од нас, сте не повредиле сите. Јас не сакам да убивам невини луѓе и тоа е забрането во исламот, но поради тоа што го правите убиството станува дозволено. Запрете со убивање невини луѓе и ние ќе престанеме, пишува во пораката.
Царнаев е сместен во притвор во Бостон,откако претходно мина два месеци во болница каде што заздравуваше од повредите што ги доби за време на апсењето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.