| четврток, 6 декември 2018 |

Стоилковски: Оливер Спасовски четири дена крие што бара службениот полициски џип на плажа во кампот „Евридики“

-Кога може функционер на МВР-Турс да си ја носи ќерката и нејзините другарки на одмор со службено возило што може граѓаните да очекуваат следно? Дали директорот на ЈСП да си ги носи роднините со градски автобус или Стојанче Ангелов да си земе авион за летување? прашува Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ

СДСМ безобразно ги злоупотребува државните ресурси за задоволување на хедонистичките страсти на сопствените функционери. Со вакво однесување осиромашуваат граѓаните, а државата е се подалеку од Европската Унија! Во ниедна директива на ЕУ не е пропишано дека службени возила треба да се користат за превоз на деца на функционери по морските плажи, истакна Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– Оливер Спасовски четири дена крие што бара службениот полициски џип на плажа во кампот Евридики. Спасовски и СДСМ мислат дека граѓаните се наивни и не знаат каква службена должност може да се извршува во автокампот во кој висок полициски функционер, според информациите во медиумите, имал свој камп приколка. Согласно уредбите на МВР, полициски службеник кој патува во странство, мора да го најави своето патување и да ги образложи причините за истото. Доколку патува службено, за истото мора да има наредба и патен налог, потенцираше Стоилковски и додаде:

– Недозволиво е Оливер Спасовски четири дена да крие кои се причините поради кои што потпишал налог и наредба и да не соопштува на јавноста, каква е задачата што службеникот ја извршувал во кампот Евридики. Недозволиво е да нема образложение кои биле девојките и во каква роднинска врска се со високиот функционер во полицијата? Дали е точно дека една од девојките била ќерка на Директорот на Бирото за јавна безбедност, а останатите биле нејзини другарки? Недозволиво е да ја манипулираат и потценуваат јавноста дека кесите од продавницата Лидл со кои што е преполн полицискиот џип се државна тајна. Ова што се случува во МВР-Турс е срамно! Донацијата од ЕУ наменета за поефикасна борба против илегалната миграција да се злоупотребува за превоз на семејствата по грчките плажи е невиден башибозук – рече Стоилковски.

За претворањето на МВР во МВР-Турс, истакна тој, мора да има одговорност.

-Вакво расипништво е недозволиво. Оливер Спасовски мора да си поднесе оставка за покривање и злоупотреби, а Владата уште на следната седница да го разреши тур-операторот кој во моментов врши должност директор на БЈБ Лазе Велковски. Европската иднина на Македонија не смее да заврши на грчкото приморје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top