| четврток, 6 декември 2018 |

Савичевиќ: Ни нудеа мито за да загубиме од Марсеј, а срамно е што Панчев не ја доби „Златната топка“

Дејан Савичевиќ е познат како човек без влакно на јазикот, а Црногорецот има неколку легендарните изјави уште додека беше фудбалер. Во ист стил пргавиот офанзивец на Будуќност, Црвена Звезда, Милан и Рапид, продолжува и сега, како прв човек на фудбалската федерација на Црна Гора.

Во интервју за француски медиум, популарниот Дејо, откри сочни детали од увертирата пред финалето во КЕШ во Бари, меѓу Црвена Звезда и Олимпик Марсеј, играно во 1991 година.

„Пред финалето во Бари ни нудеа поединчено по 500 илјади марки за да загубиме. Понудата беше за неколку играчи, вклучувајќи ме и мене. Сите до еден одбивме и покажавме цврст карактер и желба да го освоиме трофејот“, е изјавата на Савичевиќ.

Црногорецот посочи и на уште еден детаљ од тоа време, што го наведе како огромна неправда и кон нашиот ас Дарко Панчев.

„Доделувањето на наградата „Златна топка“ на Папен беше срамен чин. Требаше пред се да му биде доделена на Дарко Панчев, на Просинечки, Белодедиќ или на мене. Што направи Папен во таа 1991 година. Освои само француско првенство“, додаде Савичевиќ. Црвена Звезда тогаш победи на пенали, со решавачки погодок на Дарко Панчев во последната серија на пенали. Македонската кобра таа сезона беше прв стрелец во Европа, а дури подоцна ја доби „Златната копачка“. Престижната награда за најдобар играч му беше доделена на Жан Пјер Папен од Олимпик Марсеј.

За Црвена Звезда тогаш во финалето играше и Илија Најдоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top