Креаторот Небојша Толески бил сведок на трагедијата што пред некој ден се случи кај Охрид. Тој на „Фејсбук“ раскажа како го видел момчето што се удави во Охридското езеро, а според него реакцијата за спасувањето била бавна.
„Со оваа колумна сакам да искажам длабоко жалење за едно момче кое пред некој ден го загуби животот давејќи се во Охридското езеро. Пред мои очи се случи неговиот последен повик за помош. Четири момчиња на возраст од 18-20 години изнајмија педалинка и уживаа во гласна смеа пловејќи низ езерото. Одеднаш, се слушнаа страотни крикови за спас. Две момчиња паднаа од педалинка и се бореа за живот. Инаку сите не знаеја да пливаат!!!Едното момче некако се извлече, а другото остана да моли за спас. И сите на плажата слушнавме, видовме, ама веројатно сите и мислевме дека се шегуваат бидејќи беа многу гласни и изгледаше како да се шегуваат. Ама не! Дури откако останатите се вратија сфативме дека не сме во право. Неколку луѓе со педалинки се упатија веднаш на местото, но попусто. Не можеа да го најдат. Екипите на прва помош веднаш стигнаа, но на екипите на крајбрежната прва помош им требаше цела вечност. И полицијата дојде со глисер. Ни нуркачи ни бутур. Два часа траеше потрагата. Никој од таканаречените професионални екипи не го најде. А тогаш еден обичен човек кој беше на плажата скокна изреволтиран во водата и го најде за три минути точно на местото каде момчето замина во вечноста. Одеднаш заврна дожд, една бабичка до мене рече дека и небото плаче по момчето. Го извадија , без знаци на живот. Ех што ти е шега, вистина, врисок! Не му помогнавме ние од плажата, но не знаевме. Зар требаше да ни шепне дека се дави? Зар требаше да не викне по име? Десет- петнаесет метри од плажата се случи несреќата. Само еден да се стрчаше на време можеби се ќе беше поинаку. Но, лошото знае да лаже, да биде подло, да “замачкува очи”. А, кај беше чуварот на плажата? Таков човек немаше.Го нема ни на други плажи. Со педалинка секогаш треба да следува појас за спасување. И тоа го немаше. Камо нуркачи за вакви ситуации? Животот е непредвидлив. Некогаш напорен, некогаш лесен. Судбината на сите ни е различна. Никој не знае до каде му запира патот. Никој не знае!!! Помагањето во најкритични животни ситуации може само да не направи подобри личности и создава свесност дека постоиме. Многу често е доцна да се реагира во такви ситуации но обидот, токму обидот за помош некој може да спаси… Да бидеме од корист на оние што бараат спас во секаква смисла е толку благородно. Да, временските интервали се немилосрдни, непредвидливи, независни од нас… Наше е да помагаме и да побрзаме со помошта бидејќи утре (некогаш и утре е премногу далеку) може да биде доцна. Се разбира, секој од нас треба да биде свесен за животните ризици и да се бори. Борбата е голема, исто како и предизвикот да се живее. А, да се ситиме пак на туѓата несреќа која може да не снајде и нас…па тоа е чиста мизерија на мозокот. Затоа кога ќе слушнете апели за помош, појдете, видете, помогнете, порачува тој. Можете барем да се насмеете и сигурно ќе ви олесни во душата ако се лажни! Ако не се, дејствувајте!“ – пишува Толески.
Несреќата се случила во близина на Хотелот „Магнус“, при што се удави В.А.(20) од Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.