| четврток, 6 декември 2018 |

Симон Трпчески со светска премиера на новиот концерт на Шахов во Калифорнија

По распродадените концерти, полните сали, овациите од публиката, но и од критиката на настапите од турнејата низ Австралија и Нов Зеланд во текот на јули, веќе утревечер (3 август) на најубав можен начин продолжува исклучителната соработка помеѓу нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески и македонскиот композитор што живее и работи во Велика Британија, Панде Шахов.

Имено, по импресивниот прием на проектот „Македонисимо“ ширум светот, овој победнички тандем пред американската публика ќе ја претстави светската премиера на Концертот за пијано и оркестар број 2 на Панде Шахов. Најновото дело инспирирано од македонскиот фолклор ќе биде изведено на отворањето на Кабриљо музичкиот фестивал за современа музика во Санта Круз, Калифорнија. Со фестивалскиот оркестар ќе диригира романскиот маестро Кристијан М’челару, новиот шеф диригент на Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн, Германија, но и музички директор на оваа манифестација со безмалку шестдецениска историја.

„Лудиот“ распоред на Трпчески веќе задутре (4 август) го води во Чикаго, каде што со еден од водечките светски ансамбли каков што е Чикашкиот симфониски оркестар, ќе го изведе Петтиот концерт за пијано и оркестар од Бетовен. Диригент ќе биде Василиј Петренко. Тандемот Трпчески-Петренко „ќе се дружи“ и на сцената во Кливленд, пред кој настап нашиот пијанист ќе концертира и на музичкиот фестивал во монденското место Аспен.

Крајот од месецов е резервиран и за холандската премиера на „Македонисимо“ во престижната концертна сала „Концертгебау“ во Амстердам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top