| четврток, 6 декември 2018 |

Она што за ВМРО-ДПМНЕ беше криминал, за СДСМ не е: Мерцедесот ќе се сервисира, амбулантни возила нема (ВИДЕО)

Возилата поради кои судијката Добрила Кацарска му пресуди 9 години затвор на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, блиндираниот мерцедес и набавката на 300 возила за потребите на МВР, повторно во фокусот на јавноста.

Сервисирање од 30.000 евра на мерцедесот што не се користи и многу неодговорени прашања и недоречености во новата набавка на возила за потребите на МВР отвораат сомнежи за законското работење на Владата и на Министерството за внатрешни работи под Оливер Спасовски. Судот и обвинителството видоа криминал во работењето на Ѓоко Поповски, но не гледаат во работењето на оваа владејачка гарнитура.

Мерцедесот не се продаде, ќе се сервисира за 30.000 евра, амбулантни возила нема

Предизборното ветување на Заев дека „тенкот на Груевски“ ќе го продаде и со парите ќе купи амбулантни возила за болниците во Македонија, е една од многуте негови предизборни лаги.

-Ќе го вратиме тенкот, Мерцедесот на Груевски од 600.000 евра и со парите од неговата сегашна вредност ќе набавиме амбулантни возила за клиниките во Македонија. Нека биде ова симбол на новото време во кое ставаме крај на расипничкото трошење и воведуваме социјални политики, согласно потребите на граѓаните, ќе рече Заев на еден од партиските митинзи во предизборието.

Кога дојде на ред мерцедесот, Владата одлучи да не го продава возилото кое не е доказ во судска постапка, поточно одлучи постапката за продавање да ја стави во мирување. Ниту СЈО ниту одбраната го имаа предложено возилото како доказ во случајот на СЈО „Тенк“. Возилото не беше доказ и не беше предмет на судската постапка. Предмет на постапката беше постапката за набавка и неговото користење. Она, пак, што е очигледно од владината одлука е дека на премиерот Зоран Заев не му се дава мерцедесот вреден повеќе од 500 илјади евра.

Заев емотивно се врзал за мерцедесот иако не му треба на СЈО (видео)

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Пеце Мирчевски во мај годинава, кога беше распишан тендерот за сервисирање на мерцедесот, рече дека возилото не можат да го продадат додека не заврши судскиот процес за случајот „Тенк“ односно додека пресудите не станат правосилни.

Владата ќе го сервисира мерцедесот што не го користи

Двојните стандарди на власта и партизацијата на судската власт доаѓаат до израз во овој случај ако се погледне тендерската документација.

СЈО во „Тенк“ доби осудителна пресуда за наводно фаворизирање на сервисерот, Мак Аутостар, а сега единствената понуда за сервисирање на возилото е претставена како најповолна и повторно Мак Аутостар е единствениот оператор кој ги исполнил условите на СОЗР.

Мак Аутостар е единствен понудувач, кој ќе го сервисира владиниот мерцедес за 30.000 евра. Условите во тендерот се исти, но политичките услови во државата очигледно не се.

СЈО не приложи докази дека обвинетите ги сториле кривичните дела кои им се ставаат на товар во случајот „Тенк“. Обвинението на Специјалното јавно обвинителство се темели на претпоставки и на селектиран дел од аудиоматеријалите прибавени со грубо и долгогодишно кршење на човековите права преку незаконско прислушување.

 

Иако тврди, СЈО нема докази дека Ѓоко Поповски, тогашен на помошник на министерот во Секторот за општи и заеднички работи, ги пречекорил своите овластувања и сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, така што го фаворизирал Мак Аутостар ДООЕЛ Скопје.

Тврдењето на СЈО за наводно фаворизирање на економскиот оператор Мак Аутостар, се побива и со одредбите од Законот за заштита на конкуренција согласно кои не постои ексклузивитет за ниту еден економски оператор во однос на брендот кој може да го понуди. Напротив од регулативата, од изјавата на сведокот кој бил долгогодишен управител на една од конкурентските фирми и од праксата за која постојат јавно достапни податоци произлегува спротивното. Последен таков пример, што се гледа од јавно достапните податоци објавени ЕСЈН на интернет страницата на Бирото за јавни набавки, е Договорот за јавна набавка на патничко возило, кој Општина Новаци го склучила со Јосифов ДООЕЛ од Битола, кој не е овластен увозник и дистрибутер на македонскиот пазар за соодветниот бренд на возило.

Ѓоко Поповски ја поби тезата на СЈО за фаворизирање на економскиот оператор

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top