| четврток, 6 декември 2018 |

Николоски: Реформите се поважни од прашањето за името за членство во ЕУ и НАТО

Првиот пилар се реформите кои што мора да се прават, вториот е спорот за името. Јас сум апсолутно убеден дека може да се постигне подобар договор од овој со Грција и сум апсолутно убеден владата да имаше поинаква преговарачка позиција ќе имаше подобар договор, ова во интервју за Радио слободна Европа го истакна Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Прво не можете вие да дозволите грчката страна да ангажира шеесет меѓународни експерти, пред се професори и адвокати по меѓународно право, а вие да не ангажирате ниту еден, а на крајот само еден. Не може да одите јавно со тактиките за преговорите за името неколку дена пред да го направите тоа. Не може да менувате ставови секој месец и најважно не можете да очекувате да постигнете договор со другата страна и тој договор да ви донесе покривање на политичките проблеми дома, затоа што во такви услови, а да не ја потценуваме грчката дипломатија е многу силна и ви ги знае сите слаби страни и тука удира. Тоа е дипломатија која е креирана да се бори со една Турција на пример која што има 80 милиони жители и на една таква дипломатија и е многу лесно да се бори со една дипломатија од 2 милиони жители, а ако на тоа ги додадете и овие фактори кои што ви ги кажувам, тогаш апсолутно имате лош договор и ако го погледнете од грчка страна треба да им се честита на Грците и нивната дипломатија, затоа што за нив направија одличен договор, вели Николоски.

Тој додава дека се уште имаат време да седнат и да препреговараат за договорот затоа што е и во интерес на Грција.

-Со тоа можеме да постигнеме и подобар договор во кој што нема да се менува Уставот на Република Македонија. Тоа значи една идна влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ангажира експерти околу себе и доколку сега не помине оваа промена на Уставот и доколку овој договор не е прифатен од граѓаните и од македонскиот парламент ние сме спремни со оваа или некоја друга грчка влада да преговараме и сум убеден дека ќе постигнеме подобар договор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top