Македонските стопанственици бараат укинување на косовската одлука со која се зголемија царините за извоз на овошјето и зеленчукот. Сметаат дека ќе нанесе огромна штета врз економијата, а и сега, велат, во овие неколку дена, штетите достигнаа околу три милиони евра.
Според Сојузот на стопанските комори (ССК), ваквата одлука на Косово е внатрешно-политичка и не соодветствува на потребите на пазарот. Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), пак, апелира што поскоро да се најде решение, но не е за воведување контра мерки.
– Одлуката на Косово е неосновано донесена и е спротивна на ЦЕФТА Договорот. Апелираме проблемот што поскоро да се реши, без одолговлекување, зашто секој изминат ден значи штета што не може да се надомести, изјави извршниот директор на ССК, Александар Зарков.
Воедно додаваат дека и нивните колеги-стопанственици од Косово се затечени од ваквиот потег на Владата на Косово.
– Сметаме дека ваквата одлука може да се одрази негативно врз севкупната размена меѓу Косово и Македонија, бидејќи се губат сигурноста и довербата за трговија и за почитување на воспоставените договори. Веруваме дека владите ќе го решат овој неочекуван проблем што поскоро, напомена Зарков.
Извршниот директор на СКСЗМ, Дрилон Исени смета дека од воведувањето на мерката што стапи во сила на 18 јули досега штетите од нереализираниот извоз се околу 3 милиони евра. Затоа, порача, министрите од регионот на утрешниот состанок да изнајдат решение за надминување на овој проблем.
– Одлуката на Косово е непопуларна и сметаме дека треба да се преиспита, но сме против воведување контра мерки зашто тоа ќе и наштети на целата економија, изјави Исени.
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски попладнево на прес-конференција во Владата информира дека е во тек седница на Владата на Косово на која се очекува мерката за зголемување на царините да се преиспита. Николовски, како што рече, лично смета дека во следните неколку часа може да се очекуваат нови моменти од косовска страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Поскапуваат земјоделските производи – најсиромашните на удар!
-
Проект Агро пазар: Македонија ќе биде прва на Балканот со берза на свежи земјоделски производи
-
Извозот на земјоделските производи зголемен преку 100 проценти
-
Груевски: За зголемување на извозот на земјоделски производи потребни се повеќе откупно-дистрибутивни центри