| четврток, 6 декември 2018 |

„Година на мајмунот“ се натпреварува на три балкански филмски фестивали

Македонската црна комедија „Година на мајмунот“, по режија и сценарио на Владимир Блажевски, се натпреварува на три реномирани балкански фестивали – во Палиќ, Приштина и во Херцег Нови.

Во моментов се натпреварува во главната програма на 25. Европски филмски фестивал во Палиќ што ќе заврши на 20 јули, кога треба да бидат познати и добитниците.

Утре, „Година на мајмунот“ ќе биде премирно прикажан во Косово, во рамки на 9. Прифест во Приштина, и ќе се натпреварува во категоријата „Мед и крв“ во конкуренција со повеќе балкански филмови.

Филмот ќе се натпреварува и на филмскиот фестивал во Херцег Нови, Црна Гора, кој ќе се одржи од 1 до 7 август. Овој еден од фестивалите со најдолга традиција на екс-ЈУ просторот и датира од 1986 година.

Светската премиера на „Година на мајмунот“ беше на Московскиот меѓународен филмски фестивал, а домашната на отворањето на 21. Скопски филмски фестивал.

Филмот се снимаше во 2016 година како копродукција на Македонија, Србија, Словенија и Косово, поддржан од Еуримаж, на околу 80 различни локации низ Македонија. Главната улога ја игра Игор Ангелов, а во екипата се појавуваат актери од Македонија, Србија, Словенија и Хрватска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top