| четврток, 6 декември 2018 |

„Исцелител“ на филмскиот фестивал во Шангај

Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски

Македонскиот филм „Исцелител“ на режисерот Ѓорче Ставрески ќе се прикажува на 21. издание на филмскиот фестивал во Шангај.

Филмот ќе има три прикажувања на фестивалот, вечер, во петок и во недела. Ова ќе биде трето прикажување на „Исцелител“ на фестивал од А категорија, покрај прикажувањата на „Црни ноќи“ во Талин, Естонија и на интернационалниот филмски фестивал во Гоа, Индија. На фестивалот во Шангај филмот ќе се прикаже во ревијалната програма Спектрум, која е дел од Интернационалната филмска панорама на фестивалот.

Оваа година на фестивалот во Шангај освен „Исцелител“ ќе се прикажува и уште еден македонски филм, „Година на мајмунот“ на режисерот Владимир Блажевски.

Фестивалот во Шангај е основан во 1993 година и е еден од најголемите филмски настани во Азија. Тој е единствен фестивал во Кина кој е дел од престижната А категорија на фестивали акредитирани од светската организација ФАПФ. Фестивалот е посветен на градење на меѓународна платформа за професионалци и запознавање на кинеската јавност со најновите филмски остварувања.

Десетдневниот филмски фестивал беше отворен на 16-ти јуни со кинескиот филм „Светот на животните“ на режисерот Иан Хан во кој Мајкл Даглас ја игра главната улога. На црвениот тепих се појавија многубројни светски и кинески филмски ѕвезди меѓу кои и актерите Николас Кејџ и Кристоф Валц, актерката Ли Бингбинг, унгарската режисерка Илдико Ењеди и други.

Изминатите денови „Исцелител“ ја доби наградата за филм од М.А.Н – Македонски алтернативни награди. Ова е трета домашна награда за филмот, кој досега освои и девет меѓународни награди, од кои пет за најдобар филм и учествуваше на вкупно 24 светски фестивали.

Низ Македонија, „Исцелител“ досега се прикажа во кината во Скопје, Битола, Штип, Кочани, Кичево, Куманово, Прилеп, Свети Николе, Велес, Богданци, Гевглија и Гостивар каде го погледнаа приближно 14.000 гледачи. Филмот имаше и проекција под отворено небо во Градскиот парк во Скопје, на која имаше околу 8.000 гледачи. Филмот од денеска до 20-ти јуни ќе се прикажува во Центарот за култура во Неготино.

Главните улоги во „Исцелител“ ги толкуваат Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top