| четврток, 6 декември 2018 |

Полупразен Антички театар на отворањето на „Охридско лето“ (видео)

Полупарзен Антички театар и речиси празен партер го отслика отворањето на годинашното 58. издание на „Охридско Лето“ синоќа во Охрид, пишува порталот „Охрид1“.

На отворањето престижната културна манифестација на која е покровител претседателот на државата Ѓорге Иванов, скоро и да немало амбасадори кои инаку се редовни гости, изостанаа речиси сите министри од владата, а од бизнисмените кои со години доаѓаат на отворањето се појавил само Златко Муцунски.

Од како е отворен Античкиот театар во Охрид на него се организирани сите отворања на Охридско Лето, но порпазен театарот никогаш не бил, а во сеќавањата на сите кои со години одат на отворањата се моментите кога се бараше место повеќе , па дури и се стоеше простум, се закупуваа балкони на околните ресторани кои со месеци пред отворањето беа резервирани.

Инаку, со најпознатите италијански и француски арии за сопран и тенор во изведба на романските уметници Елена Мошуц и Калин Братеску, во придружба на уметниците од Македонската филхармонија предводени од маестро Николае Молдовеану, синоќа  беше отворено годинашното издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој ја искорсти можноста на уметниците што ќе бидат дел од фестивалската магија да им посака кога ќе заминат со себе да ги понесат сеќавањата на Охрид како македонско огледало на европската култура.

Иванов истакна дека од вечерва па натаму светот е во Охрид и Охрид е во светот. И ова заемно пребивање вечерва ќе започне со универзалниот јазик на музиката…

– Тој јазик не се преведува, бидејќи секоја душа непосредно го разбира. Моќниците низ историјата попусто се обидувале да го сведат тој јазик на средство за остварување на своите себични цели. Попусто се обидувале преку уметноста на лагата и политичката коректност да го поробат човекот. Музиката и уметноста секогаш му помагале на човекот и кога е слаб да биде силен, и кога е сиромашен да биде богат, и кога е во пранги да биде слободен, и кога е исплашен да се охрабри. Во тој јазик на вистината нема простор за лагата. Во тој јазик на љубовта, нема простор за омразата. Впрочем, и двете најпознати песни во историјата на светот се посветени токму на љубовта. Песната над песните, напишана од старозаветниот Соломон, и химната за љубовта составена од новозаветниот Павле, рече Иванов.

Свое обраќање пред публиката имаше и министерот за култура Асаф Адеми, кој истакна дека се чувствува посебно почестен што како служител т.е. министер на уметниците, го има задоволството да им се обрати ним, а и на публиката како и на поддржувачите на најреномираниот музичко-сценски фестивал во земјата па и во регионот.

Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе актерот Никола Ристановски, кој рече дека уметноста нема да го спаси светот, оти сите нејзини музи веројатно не можат да го направат многу подобар ниту многу поправеден животот во него, но истовремено забележа дека животот без уметност е далеку потежок.

Повеќе од 800 уметници од 27 земји од целиот свет наредните месец и половина ќе музицираат, глумат, создаваат уметност на неколкуте фестивалски сцени во Охрид. Во текот на престојните фестивалски вечери, „Охридско лето“ ќе донесе совршен спој на музиката, театрот и воопшто на уметноста, а Охрид од вечерва па се до 20 август ќе биде центарот на светските уметнички дострели, обединувајќи ги музиката и театарот во трајни аудиовизуелни импресии.

Ќе настапат звучни имиња од светот на музиката, но и најдобрите театарски продукции со извонредни драмски проекти. Предвидени се и три изложби, ликовна, изложба на фотографии и онаа на модерен накит.

Како посебни доживувања на 58-то фестивалско издание се очекуваат концертите на пијанистот Николај Лугански, челистот Александар Књазев, виолинистот Сергеј Крилов, потоа пијанистот Александар Маџар, виртуозот на усна хармоника Антонио Серано, акапела-секстетот „Д’Квин Сикс“ од Велика Британија, како и неколку концерти што ќе се реализираат во соработка со амбасадите во Македонија. Традиционалната Полска вечер на фестивалот ќе донесе концерт на барокниот ансамбл „Вроцлав“, во рамки на Француската вечер ќе настапат светски познатиот пијанист Мишел Бурдонкле и неговиот син Николас, а во соработка со Амбасадата на Шпанија во Скопје ќе настапи сопранистката Еугенија Боикс и пијанистката Ана Ферер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top