| четврток, 6 декември 2018 |

Ја преживеала авионската несреќа, ја прегазило противпожарното возило

avion san franЕдна од двете загинати кинески тинејџерки во несреќата на авионот „боинг 777“ во Сан Франциско ја преживеала несреќата, но подоцна била прегазена од противпожарно возило – сметаат американските патолози. Тие очекуваат нивните претпоставки да бидат потврдени со резултатите од обдукцијата што се очекуваат во текот на оваа недела.

По несреќата, која се случи во саботата, шеснаесетгодишното девојче е пронајдено покрај тобоганот за евакуација покрај левото крило на авионот. Двете тинејџерки седеле во задниот дел на авионот и се првите жртви од несреќата на „боинг 777“.

– Судејќи според повредите што ги констатиравме, можно е девојката во општиот хаос да ја прегазило едно од нашите возила или некое друго возило кое пристигнало на местото на несреќата. Нејзините повреди одговараат на повредите кои настануваат при газење на телото од некое возило. Тоа во овој момент е предмет на нашата истрага – рекла Џоан Хејс Вајт, шефица на противпожарната служба на Сан Франциско, додавајќи дека истражителите ќе ги прегледаат видеоснимките од безбедносните камери на аеродромот.

– На телото нема траги од поголеми изгореници, но ќе знаеме што точно се случило дури по обдукцијата и за тоа прво мора да ги известиме родителите, па дури потоа медиумите –  изјавил патологот Роберт Фурко.

Другото девојче загина од повреди здобиени при ударот на авионот во пистата. Девојчињата патувале од Кина во САД, во летен камп на Универзитетот „Стенфорд“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top