Роже Федерер падна на петтото место на светската ранг-листа, што му е најлош пласман во последните 10 години, а сосема спротивно Давид Ферер го има најдобриот ранкинг во кариерата, и од денеска е на третата позиција. Лидер остана Новак Ѓоковиќ, пред новиот шампион на Вимблдон, Енди Мареј, а зад нив и Ферер, се Рафаел Надал и Федерер.
Од македонските тенисери, сега најдоброрангиран е Димитар Грабул на 999. позиција со 9 поени. Тој вчера победи на фјучрс турнирот во Де Хан, Белгија, и очекува нови бодови, што ќе му бидат вкалкулирани на идната листа на АТП. Зад него е Томислав Јотовски со 8 поени, а следат Шендрит Деари со 3 и Данил Зеленков и Стефан Мицов со по еден поен.
Во женска конкуренција Серена Вилијамс остана на чело, а сега зад неа е Марија Шарапова, која ја прескокна Викторија Азаренка. Агњешка Радванска остана на четвртата позиција. Смена има на позицијата број 5, на која се проби На Ли од Кина за сметка на Сара Ерани. Огромен скок од 15. место на 7. место бележи новата кралица на Вимблдон Мерион Бартоли.
Македонските тенисерки ги претставува Лина Ѓорчевска, која е единствена што настапува на турнирите и е рангирана како 719., со скок од 5 скалила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.