| четврток, 6 декември 2018 |

Уапсена криминална група која вршела насилство, изнуди, лихварство и палела коли (Видео)

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР приведе осум лица членови на криминална група, кои што во текот на минатата и оваа година со употреба на закани по животот и имотот на наводни должници, на насилен начин прибавувале значителна имотна корист, предизвикувајќи и штета по имотот на граѓаните преку опожарување на возила и објекти на оштетените.

За активностите на криминалната група МВР до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција достави кривична пријава против лицата: М.Д. (40), и М.Д. (34), двајцата од село Сарај, скопско, потоа Н.П. (49), Т.П. (39) и П.Ј. (26) тројцата од Скопје, како и К.Ч. (66),од Струга, Л.М. (49) од Велес и Т.П.(51) од Неготино, а поради постоење основано сомнение дека се сторители на повеќе кривични дела – “злосторничко здружување“, “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, “изнуда“, “предизвикување на општа опасност“, “неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ и “спречување на службено лице во вршење на службени дејствија“.

Од страна на Судија на претходна постапка за двајца од приведениете веќе е одредена мерка притовор во траење од по 30 дена, а на други двајца мерка – претпазливост.

Како што објасни полицијата криминалната група делувала на подрачјето на град Скопје. Првопријавениот М.Д. во период 2016-2018 година, создал злосторничко здружение во кое како активни членови учествувале М.Д. (негов брат), Л.М., Н.П., Т.П., Ј.П., К.Ч., Т.П., кои заради прибавување на значителна противправна имотна корист преку употреба на сериозни закани и уцени успевале да извршат наплата на долгови од лихварски услуги или нарушени бизнис релации. Оваа организирана криминална група имала хиерахиска структура со однапред одредени улоги за секој од членовите.

Наводните доверители кои што имале “побарувања“ од трети лица (должници/жртви) по основ на лихварски долгови или нарушени бизнис релации, заради наплата на своите побарувања ги ангажирале организаторот на групата и неговиот брат за посредување во наплата на побарувањата, кои преку употреба на сериозни закани и уцени, и насилство успевале за одреден процент (вообичаено 8 проценти од целосниот долг) да ги наплатат побарувањата. Како инструменти при наплатата на долговите, исто така, се служеле и со нотарски заверени изјави и договори за превземање на побарување, пренос на должнички-доверителски односи, компензациски договори за пренос на сопственост на имот (вообичаено возила) за наводно извршени услуги и слично. Во одредени случаи, преку ваквиот “систем“ на криминално делување побарувањата се пренесувале на членовите на групата, така што должниците односно жртвите станувале должници на организаторот на истата.

Групата вршела и трговија со хероин, а на патниот правец Скопје- Велес сопрен е еден од членовите на групата и при преглед кај истиот пронајден е хероин.

По претходно издадена наредба од страна на Судија на претходна постапка завчера беше извршен и претрес на дом и други простории на 10 локации во Скопје, Струга и Неготино, претрес на лица, но и на и возила кои ги користеле членовите на криминалната група. Во претресите пронајдени и одзмени се: четири пиштоли, пет рамки за пиштоли, пушка, ловечки карабин, 102 куршуми различен калибар, 12 куршуми за ловечки карабин, четири возила, парични средства во вкупен износ од 48.000 евра, хероин, две дигитални ваги со траги од хероин, четири пластични мелници со остатоци од хероин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top