На протестот против Договорот за името од Преспа што вечерва се одржува пред грчкиот Парламент во Атина дојде до инцидент кога поголема група маскирани лица се судри со полицијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Маскираните лица ги нападнаа специјалците со пиротехнички материјали и разни предмети, а полицијата одговори со солзавец. Според првичните информации, приведено е едно лице.
За време на инцидентите маскираните лица вербално ги нападнаа новинарите и побараа тие да се оддалечат од местото каде што тие ја напаѓаа полицијата. Не дозволуваа да се снима или фотографира.
Претходно, лицата што протестираа извикуваа слогани дека Македонија е грчка, со извици против владата и против Договорот за името од Преспа, со пораки до политичарите дека се предавници, Грци протестираат пред грчкиот Парламент на новиот собир за „одбрана на името Македонија”.
„Скопјане, Скопјане никогаш нема да го земеш името”, „Предавници” „Македонија е грчка“ се дел од извиците на протестот, јави дописничката на МИА од Атина.
Меѓу насобраните имаше и припадници на Златна зора кои делеа и фрлаа флаери со порака дека Македонија е грчка, политичарите се предавници, а единствена надеж за земјата е Златна зора.
Протестот не е масовен, затворени се неколку улици во делот околу грчкиот Парламент, а има и силно полициско обезбедување.
Меѓу демонстрантите има луѓе од сите возрасти, но и свештени лица.
Протест беше најавен и во Солун.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.