Отсекот за превенција при Секторот за внатрешни работи во Струмица, стартуваше со проектот насловен: “Заклучи го својот автомобил“, преку кој ќе се подигнува свеста кај возачите за потребата од лична одговорност и самозаштита од кражби на автомобилите, јави „Струмица нет“.
На булеварот “Ленинова“, спроти ТЦ “Глобал“ во Струмица, полициски службеници, ги советуваа возачите да внимаваат при излегување од нивните автомобили, односно никогаш да не ги оставаат отклучени, а покрај превенцијата на оваа појава, целта на овој проект е и да се воспостави поголема доверба меѓу граѓаните и полицијата.
-Овој проект има за цел да се намали бројот на кражби од автомобили, но и да се подигне свеста кај граѓаните за потребата од лична одговорност и самозаштита од кражби. Проектот се реализира низ непосреден контакт на полициските службеници со граѓаните, во централните и периферни градски подрачја, рече Јасмина Закирска, самоестоен инспектор во СВР Струмица.
Полициски службеници на случајни возачи кои ги застануваа со своите автомобили им подаруваа навлаки за волани со наслов “Заклучи го својот автомобил“ и логото на полицијата, обезбедени од партнерот на овој проект, “Разнопромет АС“ од Струмица.
Според статистичките податоци на СВР Струмица, на подрачјето на регионот што го покриваат тие како Сектор, во првото полугодие од 2013-та година регистрирани се 27 тешки кражби на моторни возила, 13 кражби од возила и 2 одземени моторни возила, додека во минатата 2012-та година регистрирани се 72 тешки кражби на моторни возила, 23 кражби од возила и 17 одземени моторни возила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


