Владата на Руската федерација објави дека е потпишан договор со владата на Република Македонија за соработка во изградбата на крак од гасоводот „Јужен поток” за снабдување на гас во земјата, според документот објавен на интернет страницата на руската влада, јавува „Инпрес“.
Според договорот, во случај да се потврди физибилити студијата за целисходноста на градењето врз основа на анализата, рускиот енергетски гигант во државна сопственост „Газпром” АД и македонската компанија „Македонски енергетски ресурси” АД ќе формираат заедничка компанија за реализација на проектот за кракот на гасоводот со подеднаква распределба на акциите, односно по 50 отсто. Во компанијата ќе може да се привлекуваат и нови акционери со натамошно прераспределба на акциите.
Конкретните износи, условите и роковите за снабдувањето со природен гас на Македонија ќе се утврдат во договорите меѓу „Газпром” и „Македонски енергетски ресурси”. Права, пак, за користење на сите објекти на гасоводот му припаѓаат на „Газпром”.
Договорот, исто така, ја утврдува обврската на македонската страна да не воведува никакви ограничувања за руските инвестиции во Македонија, спроведени во рамките на договорот, како и да и` обезбеди на компанијата царински и даночни повластици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.