Капитулантскиот договор кој премиерот Зоран Заев го договори со грчкиот премиер Алексис Ципрас, беше причина за голем број македонски граѓани да го покажат својот револт, своето незадоволство од промената на Уставот која е најавена.
Голем број граѓани решија да излезат на протести против промената на името, на народот им се приклучија универзитетски професори, доктори, адвокати, земјоделци, актери, млади и стари сите заедно излегоа на улиците да кажат „не“ за договорот кој вчера беше потпишан.
Пред Собраниетот на Република Македонија, во средата се одржа првиот протест против овој договор за промена на името и на него јасно и гласно кажаа дека се против капитулантскиот договор на премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Од тогаш секој ден граѓаните се собираат на протести за искажување на револтот.
Вчера голем протест во Битола против овој капитулантски договор организираше ВМРО-ДПМНЕ, каде на улиците во градот се собраа околу 20 илјади луѓе. Предводник на овој протест беше претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Синоќа и во Скопје имаше масовен протест на кој полицијата употреби солзавец и шок бомби против насобраниот народ. Многумина од луѓето кои беа на протестот велат дека полицијата употребила прекумерна сила за која немало потреба. Демонстрантите вчера ја повикуваа полицијата да им се придружи и заедно да го бранат името на Македонија.
На протестот вчера имаше голем број на интелектуалци, професори, јавни личности, а дел од нив минаа и со повреди, како што беше актерката Арна Шијак. На социјалните мрежи голем број од овие јавни личности се пожалија на односот на полицијата и на силата која беше применета.
Голем сенароден протест против промената на името се најавува и за 23 јуни, граѓаните велат дека треба да се спречи овој хорор додека не е предоцна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.