| четврток, 6 декември 2018 |

Градот пее за загинатиот моторџија, народот дише за Фафата (видео)

Нема зборови за утеха, но има чекори за споменување, за чествување, за тагување… Луѓето одат, но не заминуваат. Остануваат да живеат во срцата, во мислите, остануваат да живеат со делата… Имиња вредни за споменување, ликови кои вечно ќе недостигаат, срца за чија големина секогаш ќе зборуваме, секогаш ќе ги споменуваме…

Некому не му значи ништо, но на светиниколчани, на моторџиите, на оние кои го познаваа, и пред се на семејството, им значи името Влатко Цветковски Фафа. Пасијата по моторите, за жал, го чинеше, не многу, премногу. Го чинеше живот… Отворањето на новата моторџиска сезона за него беше и последна… Тој ги склопи очите…

Но неговото срце бие со секој звук на мотор, со секоја воздушка… Тоа се докажа и синоќа на 5-тиот Интернационален мото собир на Мото Клуб Свети Николе МЦЦ. Оваа година собирот му е посветен нему, на Фафата, човекот кој загина во сообраќајна незгода со мотор пред три месеци. Градот му оддаде почит на моторџијата, на добриот пријател, на големиот човек…

Синоќа нотите свиреа за Фафата, Бора Чорба пееше за Фафата, за претседателот на WHITE STONE… На големиот мото собир во градот гостин беше Бора Чорба. Моторџиите од двата клуба од градот носеа маички со ликот на Влатко Цветковски, со лого кое ги означува неговите иницијали… Градот дишеше за Влатко…

И вечерва сите патишта водат кон Свети Николе. И вечерва ќе се пее за Фафата, но и за сите оние кои пасијата на две тркала, за жал, ги чинела премногу. Ќе се пее за оние кои не биле доволно почитувани во сообраќајот, ќе се пее за нивните семејства, ќе се пее за животот кој некогаш знае да биде прекраток… Вечерва за нив ќе пее Ален Исламовиќ…

Секоја чест за организаторот, секоја чест за градот. Моторџиите го заслужуваат тоа!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top