Градежниот сектор кој што беше главниот двигател на економијата во изминатите години е во пад, што дополнително ја усложнува состојбата и влијае негативно на растот на дваесетина индустриски гранки од економијата што директно зависат од градежниот сектор, вели во интервјуто за Република, поранешниот министер за финансии Кирил Миноски, коментирајќи ги поразителните бројки за раст на БДП во првиот квартал годинава.
Според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од годинава забележал раст од едвај 0,1 отсто. Најголемиот пад е забележан кај градежниот сектор. Каков е вашиот коментар на овие показатели?
Миновски: Во услови кога податоците за движењата на европскиот пазар како најзначаен за македонската економија покажуваат раст, економиите во регионот растат со стапки од над 4%, навистина е поразителна и разочарувачка бројката од 0,1% раст на БДП кога во исто време стапката на инфлација изнесува 1,5% за првиот квартал, со тоа дополнително се минимизира оваа ионака скромна бројка. Градежниот сектор кој што беше главниот двигател на економијата во изминатите години е во пад, што дополнително ја усложнува состојбата и влијае негативно на растот на дваесетина индустриски гранки од економијата што директно зависат од градежниот сектор.
Дали е реално очекувањето на Владата на Заев годинава да ја завршиме со раст од 3,2 отсто?
Миновски: Податоците од првиот квартал на 2018 година, не даваат простор за ваков оптимизам, дотолку повеќе што и проекциите на Светска Банка за растот на македонската економија во 2018 година се 2,3%, што повторно станува во овие услови висок таргет затоа што економијата на кварална основа треба да расте по речиси 0,6% за да се стигне оваа бројка. Инаку и овие резултати кои што се испорачуваат се резултат на активностите на компаниите во слободните економски зони кои што се добавувачи на големите европски компании и кои што максимално ја користат позитивната коњуктура на европскиот пазар. Колку што ми е познато речиси и да нема некој позначаен инвеститор кој што има најавено отварање на нов капацитет во Република Македонија. Тоа се разбира не е добро за Република Мекедонија за компаниите и граѓаните
Пад е забележан и во секторот Информации и комуникации, иако СДСМ најавуваше дека посебно внимание ќе посвети на тој сектор. Колку овој сектор е релевантен за растот на БДП, според вас?
Миновски: ИКТ секторот нема значително учество во вкупниот БДП, меѓутоа е значаен сектор од проста причина што ангажира високостручна работна сила која што преку високите плати ја зголемуа потрошувачката, а од друга страна се работи за сектор кој што е извозно ориентиран и придонесува за поголем прилив од извозот на софтвер и ИКТ услуги. Според информациите кои што ги имам влошувањето во овој сектор е резулат и на даночниот третман од кои што дел од компаниите се засегнати во однос на дефинирањето на ткн место на услуга, а дел се должи на најавите завоведување на прогресивни даноци што дополнително може да влијае негативно на ИКТ секторот.
Со ваков раст на БДП ние се наоѓаме на дното меѓу земјите од опкружувањето, иако претходно бевме лидери. Кој дел од економската политика на Заев најмногу придонесе за ваков пад?
Миновски: Не гледам јасна визија за развојот на економијата, најдобра илустрација е даночната политика, гледаме дека и после цела година од доаѓањето на власт постои незвесност кај компаниите и граѓаните за тоа каков даночен модел не очекува следната година. Се што досега се испорачува е последица на она што е имплементирано во претходниот период и во делот на СДИ и во делот на деловната клима и даночната политика. На пример гледаме дека рамниот данок се уште дава позитивни резултати и ја полни државната каса. Странските инвеститори беа стигматизирани иако несомнено тие се главниот двигателна извозот и слично. Стопирањето на изградбата на инфраструктурните проекти се најзначајниот фактор што доведе до пад на економската активност.
Од една страна имаме задолжување, а од друга страна нема раст на БДП!Колку е оправдана оваа политика?
Миновски: Во периодот кога сегашната власт беше позиција имавме масовна кампања против било какво задолжување било дали се работи за аукции на ДХВ на домашниот пазар или за издавање на еврообврзници во услови кога имавме раст на БДП и изградба на крупни инфраструктурни проекти. Во фискалната стратегија 2018-2018 се предвидува зголемување на јавниот долг од 4,7 милјарди колку што беше наследен од претходната Влада на 7,7 милјарди, тоа значи речиси 3 милјарди евра нов долг за наредните 3 години. Ако претпоставиме дека нема да бидат реализираните проекциите за раст на БДП кои што се прилично оптимистички ќе завршимесо долг од 60% во однос на БДП. Тоа значи дека сите оние кои што не се сложуваа со констатацијата дека Република Македонија е умерено задолжена земја со јавен долг од 47% во однос на БДП денеска немаат проблем со зголемување на јавниот долг а нови 3 милјарди и со сапка на јавен долг помеѓу 57% и 60% од БДП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.