Енди Мареј ќе игра за финале на Вимблдон денеска, а си најде одличен советник како да го победи Полјакот Јержи Јанович. Сер Алекс Фергусон дојде напомош со цел Велика Британија, конечно, да освои титула на Вимблдон по пауза од 77 години. Двајцата се Шкоти, и Мареј и Фергусон, а разговараа по четврт-финалниот дуел на Мареј со Фернандо Вердаско. Победата на Шкотот стигна по маратон од 5 сета и со пресврт, по предноста од 2-0 на Шпанецот.
– Разговаравме 15-20 минути со сер Алекс Фергусон. Тема беше и фудбалот, и неговото пензионирање, а на крајот ми даде неколку совети како да се справам со притисокот и големите очекувања од јавноста. Неговите совети вредат злато – вели Мареј.
Фергусон претходно беше специјален гостин на Новак Ѓоковиќ, а заедно со Немања Видиќ ја следеа победата на српскиот тенисер против Томаш Бердих.
Денеска токму Ѓоковиќ ја отвора полуфиналната програма и од 14 часот ќе игра со Хуан Мартин дел Потро. По нив на централниот терен на „Ол-Ингланд“ клубот ќе излезат Мареј и Јанович.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.