| четврток, 6 декември 2018 |

Анализа на крв наместо во 300, ќе се прави во осум централизирани лаборатории

Лабораториите за анализа на крв ќе се централизираат, како дел од проект на Министерството за здравство за рационализација на трошоците и зголемување на ефикасноста во изработка на анализите. Место над 300 лаборатории во земјава, сега ќе има осум централни лаборатории од кои две во Скопје, односно на Клиниката за биохемија и во ГОБ„8 Септември“, потоа во болниците во Куманово, Битола, Охрид, Штип, Струмица и Тетово. Место 112 магацини низ земјава во кои сега се чуваат реагенсите, ќе има 8, каде ќе има одговорни лица кои ќе минат специфична обука.

Венко Филипче, министер за здравство кажа дека, веќе е распишана и централна јавна набавка за набавка на потребните реагенси за крвни анализи, за што добиле поддршка и од Светска банка. Според него на овој начин ќе се реформира здравствениот систем согласно европските стандарди.

– Целата е заштеда од неколку милиони евра и да се дадат подобри услови за пациентите. Министерство за здравство ќе ги предвидува и контролира трошоците за тестирање, и како резултат на тоа цените на реагенсите треба да паднат за 10 до 20 отсто. На овој начин ќе има поголема оптимизација на видот и обемот на инструментите, ќе се зголеми ефикасноста и ќе можеме да користиме напредни технологии – рече Филипче.

Тој рече дека според резултатите од истражувањето кое го направиле колку е поголемо пакувањето на реагенсите за анализа, толку е поголема нивната искористеност. Според него, сега се фрлаат неискористени огромни количини реагенси. Има анализатори со капацитет од 400 до 800 анализи на час во места каде не се прават повеќе од 30 анализи на ден. Според анализите бројот на инструменти ќе се намали повеќе од половина.

Тој кажа дека нема да има дополнителни трошоци за пациентите, и дека резултатот ќе го добијат на исто место каде живеат. Досега вработените во лабораториите во болниците низ земјава, според Филипче не треба да се грижат, бидејќи нема да има отпуштања и ќе останат на истите работни места.

Со проектот е предвидено лабораторискиот информативен систем да ги собира податоците за тестовите на сите пациенти од сите лаборатории на едно место.

Ова нема да се однесува за приватните лаборатории кои ги имаат матичните лекари. Во Институтот за белодробни заболувања Козле ќе има помал анализатор за итни случаи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top