| четврток, 6 декември 2018 |

Eрупција на вулкан во Гватемала: 25 мртви и стотина повредени (видео)

Најмалку 25 лица загинале, а стотина се повредени во Гватемала кога еруптирал вулканот Фуего, соопштила Агенцијата за катастрофи во таа земја. Поради ерупцијата на вулканот, кој исфрла црн чад и пепел во небото, евакуирани се околу 100 лица, а меѓународниот аеродром во престолнината ја затворил својата единствена писта.

Управата за цивилна авијација на Гватемала соопштила на Твитер дека пистата е затворена поради присуство на вулканска пепел и за да се гарантира безбедноста на патниците и авионите.

Вулканот се наоѓа на околу 40 километри југозападно од престолнината на Гватемала.

Од еден голф клуб биле евакуирани работниците и гостите, а на видео снимката која била објавена на социјалните мрежи се гледа црн облак од пепел како се издигнува над споменатиот клуб.

Огромните облаци од чад можеле да се видат од различни делови на земјата, а пепелта која паднала во четири департмани на Гватемала ги вознемирила граѓаните.

Властите од граѓаните побарале да останат смирени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top