| четврток, 6 декември 2018 |

Мисајловски: ВМРО-ДПМНЕ има нова енергија, нова надеж и нова понуда

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување во Вестите на Телевизија Телма изјави дека оваа власт нема слух за многу проблеми на граѓаните, па затоа опозицијата е принудена да излезе на улица.

-Гледаме една година пропаст, дното не знаеме каде е. Кога ќе помислите дека стигнале до дното, утредента излегуваат со нов гаф, со некоја нова погубна политика и постојано влегуваме во криза, економска криза, политичка криза. Тоа нам ни дава мотив за да излеземе тука и да кажеме „НЕ“ за оваа власт, рече Мисајловски.

Вели дека политичарите кои што во моментот се на власт треба да ги тргнат розевите очила и да видат дека животот не дошол за многу граѓани. Според него, ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе каже „НЕ“ за сите погубни политики на оваа власт.

ВМРО-ДПМНЕ, вели Мисајловски, прв пат организира протест со новото раководство и ова, според него, ќе биде работно лето за целото раководство. Тој најави дека партијата ќе има активности во текот на целото лето.

-Сега за сега сме во добро темпо, има многу голема енергија и тоа веќе се покажува и по улиците и низ народот, и тоа денеска може да се потврди. Затоа ги поканувам сите граѓани, без разлика дали се партиски членови или не, да дојдат денеска, да потрошат дел од своето време и да ги слушнат нашите пораки за да видат дека има подобро, потенцираше Мисајловски.

Потенцира дека често за се што се случува во државата, за власта виновно било ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ има нова енергија, има нова надеж и ние мора да понудиме нова понуда. Таа понуда денеска ќе биде кажана од страна на претседателот Мицкоски, но ние мораме да имаме нова програма, односно да понудиме нешто ново, тоа што навистина на народот најмногу му треба, вели Мисајловски.

Рече дека партијата никогаш повеќе не смее да ги повтори грешките од минатото.

-Се она што во минатото сме погрешиле, никогаш да не се повтори, а не како оваа Влада, да го прави 100 пати полошо. Туку тоа што чинело навистина да го поздравиме, да биде уште подобро и да го надградиме, и секогаш секоја Влада ќе има некоја политика што ќе биде негативна, посочи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на спорот со името со Република Грција рече дека доколку ВМРО-ДПМНЕ било вклучено во овој процес од страна на власта, можеби би имало конкретни идеи.

-Може да видиме дека се води некоја дипломатија која што за жал гледаме дека се менува од недела во недела, од месец во месец, посочи Мисајловски.

Според него, ваквата политика е погубна, посочувајќи дека дипломатијата не треба да се води брзоплето.

-Може да имаме страшни последици. Треба да бидеме достоинствени. Република Македонија е земја над сите нас, потенцираше Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top