| четврток, 6 декември 2018 |

Жестока борба меѓу Косово и Србија за членство во Интерпол

Приштина и Белград водат жестока борба околу зачленувањето на Косово во Интерпол. Додека српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ вели дека неговата држава ќе стори се за да го спречи тоа, косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај е убеден дека во текот на оваа година Косово ќе стане дел од најголемата меѓународна полициска организација.

Една година по неуспешниот обид за зачленување, Хоџај за денешното издание на „Зери“ изјави дека земјата е цврсто решена да ја постигне целта оваа година, за што, според него, Владата во Приштина веќе има обезбедено гаранции од голем број земји дека ќе го поддржат членството во Интерпол.

Од друга страна, пишува приштинскиот весник, Белград се мобилизира за да го спречи зачленувањето на Косово во оваа организација како што тоа го прави и во врска со другите меѓународни организации, било спортски, културни, економски, итн.

Министерот за внатрешни работи на Србија деновиве изјави дека можното зачленување на Косово во Интерпол би било сосема неприфатливо за неговата држава и дека Владата ќе стори се што е можно тоа да го спречи.

Следното Генерално собрание на Интерпол, на кое Косово најави дека ќе аплицира за зачленување, ќе се одржи во ноември во Дубаи. На претходното, одржано лани во Пекинг, Приштина во последен момент се откажа од аплицирање, откако воочи дека ги нема потребните гласови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top