| четврток, 6 декември 2018 |

Продолжи седницата за избор на нови министри

Расправата за изборот на нови четворица министри попладнево продолжи со дебата и критики за работата на Владата во изминатата година од пратениците од опозицијата.
Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ читаше делови од Програмата на Владата, посочувајќи на проекти кои се уште не се реализирани.

– Ветувањата вие ги дадовте. Требало да внимавате што ветувате. Ваша должност е да го подобрите животот на граѓаните. Вие ветивте 100.000 денари за лекарите…, рече Илиоски.

Граѓаните, повтори тој, ве перцепираат како „ќе влада“. – Ние сакаме да бидеме конструктивни да ве упатиме каде да се поправите, рече пратеникот.

Пратеникот Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ праша за што дебатираат пратениците во ситуација кога се разговара за името на земјата.

– Оваа реконструкција е шминка, рече пратеникот, посочувајќи дека Владата треба да си оди бидејќи и нанела голема штета на државата и нема капацитет да ја води државата.

Актуелната Влада, според него, нема ниту еден претставник од Брегалничкиот регион. Како позитивна ја оцени смената на Роберт Алаѓозовски од министерското место за култура, но смета дека исто така, требаше да биде сменета и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. За Рената Дескоска кажа дека поддржала донесување на лош Закон за високо образование, а Андреј Жерновски, предложен за заменик-министер за надворешни работи, направил се само за да дојде до функција.

Заев за нови министри ги предложи Рената Дескоска за правда, за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми и за министер без ресор Бардил Даути. Министрите треба да бидат изгласани до полноќ. Се очекува седницата да биде прекината од 19 до 21 часот.

По изборот на министри, треба да се пристапи кон избор на заменици министири. За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за заменик министер за транспорт и врски Садик Беќири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top